Со гала оперски концерт на Македонската опера и балет задутревечер, на Светскиот ден на музиката и на почетокот на летото, ќе почне 35. летна културна манифестација „Скопско лето“.
Покрај свеченото отворање во МОБ, на првиот ден од фестивалот во Мала станица ќе биде претставен мултимедијалниот проект на Гоце Наневски – „Мо(ну)мент“ и целодневен настап на улични музичари во организација на Универзалната сала.
Традиционално, „Скопско лето“ ќе трае до крајот на јули, а и оваа година ќе понуди богата програма со многу настани од различни сегменти на културата. Организаторот – Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, денеска на прес-конференција ја соопшти програмата.
Директорот Мирко Стефановски рече дека во изминатите 35 години на „Скопско лето“ имало над 2.200 настани, а од него се израснати и други манифестации како „Блуз и соул“, „Есенски музички сцечености“, како и фестивали во други градови низ Македонија.
– „Скопско лето“ внесе еден нов, урбан немир во градот, задоволство за уметниците и за публиката, особено за младите… Ние ги формиравме Штипското лето, битолските Хераклејски вечери и Бит-фест, како и во Прилеп, Куманово, Струмица…, рече Стефановски.
Во годинашната програма најбројни се музичките настани – 22 концерти на домашни и странски солисти и ансамбли (Германија, Австралија, Франција, Грузија, Бугарија…) Меѓу нив, како посебно музичко доживување беше издвоен концертот на турските музички ѕвезди Бурхан Очал и Хусну Шенлендирџи – дуо со интернационална кариера. Нивното гостување во МНТ на 22 јуни е организирано во соработка со турскиот културен центар „Јунус Емре“.
По разновидноста во содржините организаторите ги изделија и настаните од ликовната дејност, меѓу кои изложбата на уникатен накит, скулптури и слики на босанските уметници Адин Хебиб, Миа Хебиб и Едина Селишковиќ, изложбата на сценографии на Живојин Трајановиќ по повод 40 години професионално творештво, изложбите на ДЛУМ…
Во 40-те дена фестивалска програма ќе има и театарски претстави, перформанси, премиерни изведби (операта „Боеми“ на МОБ, претставата „Могли“ на Театарот за деца и младинци), како и програмите во склоп на „Скопско лето“ – Кинотечното скопско летно кино (од 7 јули во Кинотеката на Македонија) и „Блуз и соул фестивалот“, на кој на 17 јули ќе гостува гитаристот Ерик Сардинас.
„Скопско лето 2014“ ќе заврши на 31 јули со концерт на барокна музика на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија.