Скопје, Улица, Музика – трите зборови кои во себе ја содржат суштината на тоа што ќе се случува од денеска до 24 на седум различни локации во градот Скопје во рамки на Скопје Струт Мјузик Фестивал 2018 година, чија порака е дека добрата музика треба да биде достапна за сите.
Со концепт кој го нуди годинава, целта е, на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали.
Со тоа, градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Воедно фестивалот го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали.
За време на фестивалот посетителите ќе можат да слушнат слушнат Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика.
Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе можат да се запознаат со различни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни.
На отворен простор, а не во концертна сала ќе може да се видат најразлични инструменти како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон.
Изведувачите, каде се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс, од страна на селекторот на фестивалот. Учество ќе земат вкупно 24 артисти, групи и ансамбли. Изборот на изведувачи е направен врз основа на квалитетот на музиката и жанрот на музика со која ќе настапат артистите.
Локациите на кои ќе се одржува фестивалот се: Плоштад Македонија, Градски Парк, ТЦ Лептокарија, Паркот кај авиончето во Ново Лисиче, Плоштад Скендербег, платото пред Универзална сала и Боемска улица. Настапите ќе започнуваат во три термини: од 18:00, 20:00 и 22:00 часот, а на последниот ден од фестивалот настапите ќе почнат во 12:00 часот.
Коорганизатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.