Синдикатот на културата на Република Македонија поднел претставка до Меѓународната организација на трудот

Од:

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот (МОТ), откако, како што наведува, биле исцрпени сите механизми за мирно решавање на спорот околу Колективниот договор за култура.

Од СКРМ велат дека претставката е поднесена поради постапката пред Уставниот суд за укинување на Колективниот договор, оценувајќи дека синдикатите биле ставени пред свршен чин.

Според синдикатот, повеќе од една година Министерството за култура и туризам не седнало на преговарачка маса за да се најде заедничко решение.

-Наместо тоа, работите ескалираа до степен во кој, поради непочитувањето на правата утврдени со Колективниот договор, СКРМ беше принуден да поднесе околу 800 тужби против институциите, додека иницијативата поднесена од „загрижен граѓанин“ беше прифатена од Уставниот суд, кој сега е пред одлука за укинување или поништување на Колективниот договор за култура, се наведува во соопштението од СКРМ.

По изложување на поединостите, од Синдикатот велат дека добиле препорака од надлежните во МОТ, жалбата да ја поднесат пред Комитетот за слобода на здружување.

-Надлежните од МОТ неофицијално самите изразија сериозна загриженост од односот на државата кон вработените во културата. Според нивните неофицијални изјави, обиди за заобиколување на колективното договарање од ваков вид не сретнале ниту во земји како Индија, Бангладеш или Виетнам. Доколку Уставниот суд го укине Колективниот договор во ваков очигледно исфорсиран и изнуден процес без преседан, тоа нема да претставува само тежок удар за вработените во културата, туку и сериозен удар врз меѓународниот углед на Република Македонија, која би можела да се најде со епитетот „рушител на колективното договарање“ и да стане втората држава во Европа што укинала колективен договор, се наведува во соопштението.

Воедно, Синдикатот на културата на Република Македонија побарал од Меѓународната организација на трудот и медијација во случајот.

Од Синдикатот наведуваат дека, по интервенцијата на премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам се одважило повторно да седне на преговарачка маса со СКРМ и СОНК. – Сепак, од досегашниот тек на преговорите се добива впечаток дека наместо да се бара заемно прифатливо решение, повторно се настојува да се наметнат однапред утврдени ставови, како што тоа беше случај и со упатствата од април и декември 2025 година. Денес таквите ставови се претставуваат преку текстот на решението на Уставниот суд, кој министерот го толкува како своја „црвена линија“, и покрај бројните конструктивни предлози кажани од синдикатите, велат од СКРМ.

Од Синдикатот посочуваат дека остануваат целосно посветени на преговарачкиот процес, но јасно порачуваат дека нема да прифатат ултиматуми од кој било вид.

-Нашата борба отсекогаш била и ќе остане борба за почитување на работничките права, за достоинството на културните работници и за владеење правото. Од тие принципи нема да отстапиме, се наведува во соопштението од Синдикатот на културата на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Две лица од Битола и Прилеп се уапсени поради предизвикување пожари

Шест активни пожари во Македонија, еден под контрола

Стоилковски: Филипче си ја злоупотреби внуката за јавно да лаже, во Гостивар никој не лажеше

Предраг Петровиќ

СДСМ: Мицкоски избега од пуштањето вода во Гостивар – истиот ден водата забранета во Демир Капија

„Охридско лето“ со четири џез-вечери отвора ново музичко поглавје

Украдените дела на Реноар, Сезан и Матис пронајдени по пет месеци во Италија

Предраг Петровиќ