Годинaшното издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со музички дел, со вечерашниот концерт на црногорските уметници Роман Симовиќ на виолина и Ратимир Мартиновиќ на пијано.
Критиката вели дека токму брилијантна виртуозност и вродена музикалност, проследени со бескрајната имагинација, Симовиќ го носат на најпрестижните музички сцени во светот. Во неговата биографија впишани се настапи со водечките оркестри и со некои од најеминентните диригенти во светот на музиката. Големиот број награди што ги добива на интернационалните натпревари во светот, го сместуваат меѓу најзначајните виолинисти во неговата генерација. Чест гостин е и на фестивалите во Европа, како солист, но и како камерен изведувач.
Ратимир Мартиновиќ критичарите го сместуваат меѓу водечките пијанисти во неговата генерација. Има одржано повеќе стотини солистички и камерни концерти во целиот свет, притоа соработувајќи со голем број значајни музички уметници и ансамбли. На почетокот на својата кариера бил чест учесник на националните и некои интернационални натпревари, на кои има добиено повеќе награди и признанија. Има издадено два компакт-дискови со музика од Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Фредерик Шопен, Јоханес Брамс и Сергеј Прокофјев.
На програмата на вечерашниот концерт, што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот се познати дела на Парт, Прокофјев, Пуланк, Равел.