Македонскиот пијанист Симон Трпчески кој оваа сезона беше резидентен артист на лондонски „Вигмор хол“, синоќа во британската престолнина имаше самостоен рецитал. Изведбата на дела од Григ, Менделсон и Римски-Корсаков, уште еднаш ја разнежнија пребирливата лондонска публика, чии овации нашиот пијанист ги награди со три биса.
– Го направив изборот од разновидна несекојдневна програма онака како што и јас сакав и драго ми е што и публиката, не само овде во Лондон, туку и претходно во Пекинг и Шангај и во Чешка и деновиве во Бирмингем и Саутемптон исклучително уживаше со мене. Се надевам дека така ќе биде и на моите следни два рецитала во оваа сезона, закажани за Сиднеј и Аделаида во почетокот од јули, изјави Трпчески за Македонското радио.
Трпчески следната седмица продолжува да концертира како солист на Борнмут Симфони под диригентската палка на Кирил Карабиц од Украина во Пул, Велика Британија и во националната концертна сала во Даблин, Ирска. Крајот на месецов е резервиран за полската турнеја со „Македонисимо“ на концерти во Варшава, Шќеќин, Гдањск и Катовице и првпат ќе има настапи на Кипар, во Никозија.
Во јуни следи и француска премиера на македонскиот проект на Пијано фестивалот во Лил. Концертното лето, пак, е резервирано за турнеите во Австралија и Нов Зеланд.