Седум филма во конкуренција на 4. Фестивал за дебитантски филм „Киненова“

Од:

Седум филма се во официјална селекција на 4. Интернационален фестивал „Киненова“ посветен на дебитантски филмови, од кои четири се остварувања од балканската кинематографија. Фестивалот ќе се одржува од 4 до 13 октомври под слоганот „Првоборци“.

Во конкуренција за награди се грчкиот „Сожалување“ на Бабис Макридис, бугарскиот „Прасето“ на Драгомир Шолев, српскиот „Шевови“ на Мирослав Тадиќ, хрватскиот „Алекси“ на Барбара Викариќ, рускиот „Човекот кој ги изненади сите“ на Наталија Меркулова и Алексеј Чупов, бразилскиот филм „Сократес“ на Алешандре Морато и германскиот документарен филм „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус.

Директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ на прес-конференција денеска рече дека а продолжуваат мисијата на фестивалот да промовира вредности за општо добро, односно да донесува автори кои, како што рече, и покрај контроверзиите и ризиците што ги правеле, не се повлекле од идејата и со своите филмови поттикнале и општествени дебати.

-Идентитет на фестивалот се дебитантите и тие се во фокусот на фестивалот. „Киненова“ продолжува да пронаоѓа и да афирмира филмски автори од целиот свет кои се истакнале по уникатниот филмски наратив, особеноста и актуелноста на темата што ја обработиле и храброста со која ѝ пристапиле, рече Јовановиќ.

Програмскиот селектор Игор Анѓелков соопшти дека за филмовите во конкуренција ќе одлучува тричлено жири предводено од Витали Мански, еден од авангардните современи филмски автори, чиј контроверзен филм „Путиновите сведоци“ ќе има специјална проекција на „Киненова“. Овој филм лани победи на фестивалот во Карлови Вари во селекцијата на документарни филмови, а Мански живее во егзил во Летонија.

Покрај официјалната, „Киненова“ ќе има и специјална програма „Во фокус“ – посветена на унгарската кинематографија, програма „Посветено на“ – со филмови од турската филмска авторка Јесим Устаоглу, која е и член на жирито, како и презентација на наградата „Лукс“ на Европскиот парламент востановена во 2007, со прикажување пет филма меѓу кои и македонските „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и документарниот „Медена земја“.

Филм за отворање на 4 октомври е бугарскиот „Таткото“, победник на фестивалот во Карлови Вари оваа година. „Киненова“ ќе биде отворен во „Милениум“, а потоа проекциите се во Кинотека во термините од 18, 20 и од 22 часот. Програмски содржини ќе има и во „Котур“.

Организаторите на „Киненова“ наскоро ќе го соопштат и специјалниот гостин кој ќе ја добие наградата за особен придонес во филмската уметност. Открија дека се работи за „ексјугословенска филмска дива“. Ѕвезди на минатите три фестивалски изданија беа актерите Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ и Аница Добра.

Би можело да ве интересира

Асемина Проедру и Елеонора Венинова го отворија 8. издание на МФФ Киненова

Современата ирска кинематографија прв пат на репертоарот на „Киненова“

Филмскиот фестивал „Киненова“ завршува вечер, ќе бидат доделени наградите

Ана Ололовска

Свечено отворање на шестото издание на фестивалот „Киненова“

Ана Ололовска

Мето Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на „Киненова“

Ана Ололовска

Валчанов, Балчус и Ангелов во жири на „Киненова“

Ана Ололовска