Со средства во висина од 15 милиони денари, обезбедени од Министерството за култура на Република Македонија започнаа градежните работи за реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
– Според проектот, во оваа фаза се работи на реконструкција на надворешноста на објектот и веќе се заменети прозорците и надворешните врати, а започнати се активностите на влезната платформа, која ќе добие плочки од природен камен. Истоврмено се менува и подната конструкција на источната влезна тераса, на терасите на катот од источниот и западниот дел на Центарот, како и северниот влез. Салонитните табли на западниот дел од покривната конструкција, на површина од 322 метри квадратни, ќе се заменат со т.н. сендвич панел. Целата зграда ќе добие нова термоизолациска фасада и соодветно осветлување, истакна Марјанчо Јованов, одговорен за надзор на градежните работи од општина Кочани.
Според градоначалникот Николчо Илијев, зградата на кочанскиот Центар за култура е оценета како архитектонско наследство и своевиден симбол на градот, па квалитетот на градежните активности е од суштинска важност.
– На состанокот што го имавме со главната проектантка, со претставници на изведувачот и надзорот ги истакнавме нашите заложби за крајно квалитетна изведба и наменско трошење на парите според проектот. Очекуваме Центарот за култура да ја подобри надворешноста, по што ќе продолжиме со обезбедување финансии за санирање на критичните делови во внатрешноста на оваа институција, информираше градоначалникот Илијев.
Првично Министерството за култура обезбеди 13,5 милиони денари, но по електронската аукција од јавната набавка најниската понуда беше за околу 440 илјади денарии повисока од оваа сума, поради што ресорното Министерство ја измени одлуката и ја дообезбеди потребната сума за целосна реализација на договорот.