Четворица српски уметници зографи веќе шест месеци го работат иконостасот на новоизградената црква „Свети Лука“ во Виница.
– Дојдовме овде на покана на отец Бранко и на митрополитот Брегалнички г. Иларион за да го фрескоживописаме овој убав храм. Тука сме шест месеци, работевме со прекини поради зимата, а распоредот на живописот ни го даде владиката Иларион. Работевме напорно, изјави Бојан Аничич, зограф од Јагодина. Тој додаде дека имаат работа и во Србија и изрази надеж оти ќе ја продолжат соработката со владиката Иларион и во овој крај од Македонија.
Во храмот, чија изградба почна 2011 година, за фрескоживописувањето помогнаа 60-тина семејства од Виница, Кочани и Скопје, со донација на фреските и иконите.
– Сега ќе продолжиме со надворешно уредување на дворот, со засадување дрвца, планирани се патеки и фонтана која ќе го разубави нашиот двор. Осветувањето ќе биде на 9 септември, кога одбележуваме 50 години осамостојување и афтокефалност на нашата македонска православна Св. Климентова црква, изјави отец Бранко Богданов.