Самостојна изложба на Ибрахим Беди во Демир Хисар

Од:

Самостојна изложба на уметникот Ибрахим Беди ќе биде отворена вечер од 20 часот во Домот на културата во Демир Хисар, во склоп на манифестациите „Демир Хисар – град на култура 2018“ и „Европски денови на културното наследство“.

– На изложбата ќе бидат прикажани 29 слики работени во комбинирана техника, во духот на апстракцијата каде фигуративното е скоро изоставено или, пак, е сведено на минимум, отстапувајќи му простор на неформалното. Апстрактноста, која е главен и препознатлив елемент на сликите, по одредени естетски белези во некои дела дава прозвучје на енформелот, додека во други слики наликува на сликарството на обоено поле, наведува Центарот за креативни индустрии „Небо“, организатор на изложбата.

Ибрахим Беди (Скопје, 1959) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот за скулптура во 1985 година. Од 1985 до 1989 бил член на групата „Зеро“, од 1986 е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а во 1999 магистрирал на ФЛУ.

Во 1991 година како стипендист престојувал на Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул, како и во ателјето на светски познатиот архитект Џенгис Бекташ. Од 1990 до 2002 година работел во Театарот на народностите како сценограф, сликар и вајар-изведувач, а од 2002 е вработен на вајарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје како доцент по предметите вајање, вајарски техники и цртање.

Неговата изложба во Демир Хисар публиката ќе може да ја види до 11 октомври.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска