На фестивалот „Охридско лето“ за денеска се предвидени две манифестации – целовечерен концерт на руското дуо Андреј Гридчук на виола и Наталија Рубинштејн на пијано во катедралната црква „Света Софија“ и презентацијата на мултимедијалниот проект „Замисли си го невидливото“ на шведскиот „Арт агент“.
Андреј Гридчук својот прв настап го имал на шестгодишна возраст со Филхармонискиот оркестар на неговиот роден град Иркутск. Следната година тој е примен во познатата Централна музичка школа во Москва. Студиите по виола ги продолжува на Московскиот конзерваториум „Чајковски“ во класите на Ј. Јанкелевич и Ј. Башмет продолжувајќи ја музичката активност како негов асистент. Исто така, Гридчук членуваше во ансамблот „Московски солисти“ воден од Башмет со кој настапуваше ширум свет. Андреј Гридчук беше победник на Државниот натпревар по виола во Советскиот Сојуз во 1984 година и на Меѓународниот натпревар по виола „Maurice Vieux“ во Орлеан (Франција). Тој настапуваше со Филхармонискиот оркестар на Радио Франција, Симфонискиот оркестар на Хамбург, Московската филхармонија, Загрепската филхармонија и многу други, под диригентска палка на Пендерецки, Башмет, Нагано. Како камерен музичар, Гридчук настапува со истакнатите музичари В. Репин, Б. Березовски, М. Мајски, Д. Ситковецки, Квартет „Бородин“, П. Франк, С. Исерлис и други. Тој свири на виола направена во 1750 г. од Паоло Антонио Тесторе. Од 1993 година тој е солист-виолист на Берлинската Опера.
Лауреатот на меѓународните конкурси, Наталија Рубинштејн, по завршувањето на Московската музичката школа „Гњесини“ и Руската музичка академија „Гњесини“ ги продолжи последипломските студии на Московскиот конзерваториум „Чајковски“. Како основач на Триото „Брамс“ настапувала со овој ансамбл во Русија, Австрија, Италија, Австралија, Јужна Кореја, Турција, Германија, Белгија, Полска, Хрватска и Македонија. Соработувала со Д. Васиљев, В. Балшин, А. Толпиго, А. Тростјански, Ј. Милкис, А. Књазев, Г. Писаренко, А. Мартинов, Х. Герзмава, А. Фиделиа, К. Балсроп и други. Нејзината дискографија ги вбројува делата на Бетовен, Шуберт, Брамс, Чајковски, Аренски, Глинка, Рахманинов, Шостакович, Шнитке, Блох и Пјацола. Наталија Рубинштејн е постојан учесник на концертните серии во Малата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ и уметнички директор на Меѓународниот фестивал „Арт-Ноември“ во Москва. Од 2002 таа е заслужен уметник на Русија. Исто така, таа е професор по камерен ансамбл на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва.
Руското дуо на концертот што ќе почне во стандардниот термин, 21 часот, ќе изведе дела од Брамс и Франк.
Шведскиот „Арт агент“, пак, на „Охридско лето“ ќе се претстави со перформансот „Театарот тропа на врата“, филмот „Унисекс“, како и со звучна и светлосна скулптура насловена „Дополнителен сјај“. Во проектот учествуваат шведските уметници Лот Алфредс, Хелена Бистром, Ана Калблад и Шарлоте Аберг, сите членови на шведската група „Арт агент“, чија главна активност е инспирирана од социјалната скулптура.
Учесниците во перформансот „Театарот тропа на врата“ размислуваат за тоа, што значи родот за нив и како нивните лични движења се поврзани со облеката што тие ја носат во нивниот секојдневен живот. – Како човечки суштества прикажуваме еден вид штит, префинета површина, моделирани и создадени по многу години практика и културна адаптација.
Претставата „Унисекс“ е имагинација. Тоа е еден вид сенишна трансцеденција каде што половите се способни ја да менуваат формата и да преминуваат еден во друг. „Унисекс“ е соработка помеѓу уметникот Шарлоте Аберг, кореографот Ана Калблад и наши уметници од КЦ „Медија Артес“ и Охридскиот народен театар.
Лот Алфредс ќе ја прикаже и интерактивната звучна скулптура во форма на рачно дувано стакло и светлосна инсталација „Дополнителен сјај“.
Перформансот ќе се одржи во Изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 20 часот.