Рускиот виртуоз на виолина Венгеров вечерва на Охридско лето

Од:

Музичката програма на годинашното јубилејно 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде заокружена со вечерашниот концерт на рускиот виртуоз на виолината – маестро Максим Венгеров, во пијано придружба на ерменскиот уметник Ваг Папиан.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, изборот на уметникот за завршниот концерт е направен со особено внимание, пред фестивалската публика во Охрид да настапува еден од најдобрите виолинисти на денешницата.

– Едноставно кон некои личности се врзуваат легенди и митови. Маестро Венгеров, кој во 2001 беше во програмата на „Охридско лето“, поради објективни причини не се одржа во Охрид, но по завршувањето на фестивалот се одржа во Скопје. Тој концерт претставува репер за врвна виолинистичка уметничка изведба. Верувам дека вечерва ќе имаме такво, дури и поголемо уживање со вакво уметничко дуо кое настапува на најпрестижните светски сцени, рече музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова – Неделковска.

Маестро Венгеров во свое име рече дека му претставува чест што е дел од толку голем, престижен фестивал како „Охридско лето“.

– Ова е првпат во мојот живот да дадам изјава за медиумите на едно толку убаво, магично место. Вечерва на публиката исто така ќе се обидеме да и подариме нешто навистина посебно, со дуо настап заедно со маестро Папиан, но и со соло изведби…рече меѓу другото Венгеров.

За фестивалот „Охридско лето“ рече дека имал можност да слушне суперлативи од неговите колеги уметници од целиот свет, како и за особеноста на настапите во црквата „Света Софија“.

– Сите раскажуваат дека Охрид има некаква посебна енергија, црквата особено, така што како музичар со нетрпение го очекувам вечерашниот концерт, нагласи маестро Венгеров.

Интересот на публиката за вечерашниот концерт е огромен, билетите се одамна распродадени. Венгеров инаку свири на исклучителен инструмент, виолина „Кројцер“ изработена од Страдивари во далечната 1727 година.

Инаку, Венгеров во Охрид допатува од САД каде имаше настап на Фестивалот во Чикаго, за по „Охридско лето“ да има настап пред ООН во Њујорк, а потоа низ најпрестижните сцени на Јужна Америка.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма