Рускиот великан на пијаното Николај Лугански вечерва во „Св. Софија“

Од:

Во рамки на програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва со почеток во 21 часот, во црквата „Света Софија“ концерт ќе одржи врвниот руски пијанист Николај Лугански.

Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев.

– Овој руски великан на пијаното, со сигурност ќе приреди незаборавен концерт во црквата „Св. Софија“, а посетителите ќе бидат побогати за уште едно големо уметничко доживување. Како организатори и домаќини сме горди што го имаме легендарниот Николај Лугански на ова јубилејно 55-то издание на фестивалот. Уметник кој критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Ова ќе биде огромна чест и привилегија за сите посетители кои ќе бидат дел од овој долго очекуван настан, рече на денешната прес-конференција селекторот на музичката програма – Гордана Јосифова-Неделковска.

Како што најави селекторката Јосифова-Неделковска огромен бил интересот за концертот на овој виртуоз, а истовремено и поет на пијаното.
-Покрај останатите љубители на музиката, голем е и бројот на пијанистите, не само од Македонија, туку и од соседните држави, кои со нетрпение чекаат да го чујат овој голем уметник, вели Јосифова-Неделковска.

Врвниот светски уметник, рускиот пијанист Николај Лугански вечер ќе настапи со дела од Шуберт и Чајковски. – Вечерва ќе свирам композиции од Шуберт и Чајковски. Шуберт-соната, тоа е една од трите последни сонати кои се напишани во последниот период од неговиот живот и тоа најверојатно е едно од најтрагичните дела на Шуберт. Во вториот дел ќе ја отсвирам Големата соната на Чајковски. Скоро сите дела на Чајковски се доста трагични, но, еве, оваа соната е еден пример дека има и светли моменти во неговото творештво. Доста е светла и сончева и ја покажува позитивната страна на неговото творештво, изјави Лугански.

Тој го изрази своето воодушевување од високата уметничка вредност на „Охридско лето“ и настапот на врвни светски уметници на овој фестивал.

– Секогаш се чудам на колку високо ниво е фестивалот „Охридско лето“. Колку што разбрав, вчера настапи мојот многу добар пријател Александар Книажев и Андреј Коробеиников, а се очекува настап и на Максим Венгеров и Иво Погорелиќ. Фестивалот има навистина високо уметничко ниво, рече Лугански.

Овој пијано-виртуоз по четврти пат доаѓа во Охрид и како што кажа, освен од фестивалот „Охридско лето“ е воодушевен и од Охрид и Охридското Езеро.

Николај Лугански студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори – Татјана Кестнер, Татјана Николаева и Сергеј Доренски. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот „Вигмор хол“  во Лондон, „Концертхаус“ во Берлин, „Театр де Шанз Елизе“ во Париз, Големата сала на Московскиот конзерваториум, Големата сала на Филхармонијата на Санкт Петербург и други. Соработувал и со некои од најзначајните оркестри: Лондонскиот филхармониски оркестар, Чешката филхармонија, Рускиот национален оркестар, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, Филхармонијата на Санкт Петербург и др.

Покрај солистичката дејност, Лугански настапува и како камерен музичар заедно со Миша Мајски, Вадим Репин, Александар Књазев и др. Чест гостин е и на некои од најпознатите фестивали во светот, меѓу кои „Би-би-си промс“, „Ла рок дантерон“, „Рајнгау музик фестивал“, Интернационалниот фестивал во Единбург и многу други, а се јавува и како уметнички директор на „Тамбов Рахмањинов фестивал“. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година.

На неговиот репертоар вечерва се дела од австрискиот композитор Франц Шуберт и рускиот композитор Петар Илич Чајковски. Настан кој со сигурност не треба да се пропушти. Почетокот на концертот е во 21 часот.
Инаку во црквата „Св. Софија“ почетокот на музичката програма приреди концерти кои долго ќе се паметат, концерти кои предизвикаа бура од емоции кај љубителите на уметноста.

– Првите 3 концерти се предвидени со врвни, но и светски уметници. Силен почеток на музичката програма што покажува дека не е само свеченото отворање значаен настан, туку се залагаме за квалитетна и атрактивна програма исполнета со светски имиња во текот на 40 фестивалски денови. Концертот на Коробеиников ја вознесе публиката во Св. Софија подарувајќи 3 биса. И вториот концерт беше настан кој долго ќе се памети, не само што ја вознесе, туку и расплака бројната публика во црквата Св. Софија, концерт кој што постави нови уметнички критериуми и репери , вели Јосифова Неделковска.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма