Театарот „У-моста“ од рускиот град Перм, вечер во рамки на драмскиот дел од програмата на годинешното „Охридско лето“ ќе ја изведе претставата „Женидба“ од Николај Василевич Гогољ, во режија на Сергеј Федотов.
Станува збор за поставка што години наназад е не репертоарот на куќата, наградувана, високоуметничка поставка за која секогаш се бара билет повеќе, за секоја нејзина изведба.
Директорот на театарот Сергеј Федотов, спроти гостување, вчера на прес-конференција рече дека тоа е мистичен театар, за кој критиката се изјаснила дека според приодот кон делата што се играат е единствен театар од тој вид во светот.
– Дека мистиката е тука потврда е што пред само три дена настапувавме во Иркутск, на брегот на Бајкалското Езеро, за сега да сме тука, повторно на едно прекрасно езеро, за кое самите актери велат дека е поубаво од Бајкалот, изјави Федотов.
Тој забележа дека настапот на „Охридско лето“ е совршениот завршеток на нивната годишна турнеја во чии рамки настапуваа на фестивали во Калининград, Витебск, две изведби во Литванија и во Иркутск, Русија.
За самата претстава „Женидба“ Федотов рече дека во „процесот на поставувањето дошле до сознание дека во претставата постои ѓавол, за сепак, на крајот да победи човекот“.
– Претставата е топла, свртена кон човекот. Поинаквиот пристап кон поставката ни дозволува од претставата да создадеме комедија, за која публиката и критиката оценува дека се работи за сосема невообичаен израз, нешто невидено, истакна Федотов.
Главниот актер во претставата, Ирина Молианова, рече дека ова и е најомилена претстава, а улогата што ја толкува ја поистоветува како духовно прочистување.
– Тука целосно се предавам во улогата, два часа духовно прочистување, што ги користам за целосно да му се предадам на Бога, изјави таа.
Инаку, за популарноста на „Женидба“ беше истакнато дека независно што повеќе од 20 години е на програмата на „У-моста“, секоја нејзина изведба е целосно распродадена, понекогаш изведувана во Перм и по четири пати дневно.
„Женидба“ ќе се игра вечер на сцената во предворјето на црквата „Св. Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21 часот.