Рускиот пијанист Алексеј Володин ја отвора новата сезона на Македонската филхармонија

Од:

Со концерт на рускиот пијанист Алексеј Володин на 26 септември почнува новата сезона на Македонската филхармонија.

Концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет, до надминувaње на проблемот со прокиснувањето на покривот на Домот на АРМ каде што досега работеше оркестарот. Пробите и концертите, како што соопшти Филхармонијата, ќе се одржуваат во салонот на МОБ, до решавање на проблемот во Домот на АРМ.

– Знаеме дека ова ќе претставува дополнителен просторен и технички предизвик и за ансамблите на МОБ и за Македонската филхармонија, но се надеваме дека публиката и понатаму ќе не поддржува во нашите уметнички дострели, и без разлика на локацијата – повторно во голем број ќе доаѓа на нашите концерти, вели директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ.

Концертот на Володин претставува уникатна можност да се види еден од најквалитетните пијанисти на денешницата, кој во Скопје доаѓа по неговите настапи со некои од најпрестижните светски оркестри, како што се оркестарот „Марински“, Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Филхармонијата во Ротердам, Кралската филхармонија во Лондон и многу други, а неговото уметничко мајсторство критиката го оценува како „виртуоз со беспрекорна техника и елегантен пијанизам“, додека пак честопати се нагласува неговата „експресивност и аналитички пристап“ кон делата кои ги изведува.

Заедно со Македонската филхармонија, а под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар, Володин ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар од Александар Скрјабин, додека пак оркестарот со изведбата на „Посветување на пролетта“ од Игор Стравински ќе одбележи 100 години од создавањето на ова капитално музичко дело.

Билетите за концертот се во продажба на билетарата во Дом на АРМ, а промотивната продажба на претплатничките циклуси со 10 проценти попуст ќе трае до 25 септември.

Би можело да ве интересира

МНТ со претставата „Бели ноќи“ ќе учествува во одбележувањето на 80- годишнината на Народен театар, Битола

Катерина Ѓуровски

Никола Кимовски назначен за в.д директор на Македонскиот народен театар

Парите од роденденските претстави на МНТ ќе одат за лекување на Леонид

Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

МНТ со претставата „Народен непријател” гостува во Србија

МНТ со две претстави на два интернационални фестивали во Републиката

Катерина Ѓуровски