Издавачката куќа „Lastaria Edizioni“ од Рим го објави романот „Нишан“ на Блаже Миневски, во превод на Давиде Фанчиуло, доктор по лигвистика и автор на поголем број преводи од неколку словенски јазици на италијански јазик.
Според најавата на издавачот, романот „Нишан“ е приказна за љубовта и омразата, за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето…
– Приказната е раскажана сигурно и убедливо, со откривање на сите противречности, предрасуди и страдања пред кои е исправено човештвото, а истовремено спонтано и вешто се наметнуваат и прашањата за односот меѓу реалното и иреалното, за животната и романескната вистина, за големата лага на фикцијата, но и за фиктивноста на некои наши животни сознанија кои ги сметаме за единствено валидни и неприкосновени, пишува издавачот „Lastaria Edizioni“.
Романот „Нишан“ е добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“ и кандидат за „International DUBLIN Literary Award“ во 2012 година. Досега е објавен и на англиски, српски, словенечки, ерменски и арапски јазик, а наскоро ќе излезе на кинески јазик во „Shanghai Literature & Art Publishing House“ и на бугарски јазик во „Perseus Publishing House“ од Софија.