Театарскиот режисер Александар Морфов денеска ќе биде прогласен за почесен доктор на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.
Одлуката ја донесе Научно-наставниот совет на универзитетот, а церемонијата на прогласување за Doctor Honoris Causa ќе се одржи денеска со беседа на ректорот Јордан Плевнеш во кино салата на Кинотека на Македонија. Со овој симболички чин името на Александар Морфов ќе биде запишано до имињата на Маноел Де Оливеира, Јиржи Менцел, Шарл Азнавур, Боро Драшковиќ, Мики Манојловиќ, Жан-Клод Кариер, Абдулах Сидран и Слободан Шнајдер.
Морфов ќе биде првиот театарски режисер прогласен за Doctor Honoris Causa на овој универзитет што претставува и гест на препознавање на неговата неверојатна личност, но во исто време и препознавање на значењето на современиот бугарски театар и неговите претставници од почетокот на 20 век се до денес.