Во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам вечер ќе биде отворена ретроспективна изложба на Вељо Ташовски, која е пресек на сите периоди од неговото творештво. Изложбата ќе претстави слики во комбинирана техника.
Ретроспективната изложба претставува заокружување и своевиден пресек на творештвото на овој рано починат автор, кој што има свое значајно место и улога во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.
Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид, отворајќи пат кон индивидуалната ликовност.
Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична „ликовна претстава на двата плана”. Користејќи ја иконографијата на мрежата тој ја дефинира “просторноста” на сликата. Таа, мрежата го ограничува просторот, но во ист момент овозможува и поглед низ, поглед и од оваа и од онаа страна, слободна циркулација, како метафора на бескрајната комуникација на просторите.
Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија…, свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат „сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.
Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој, Дебарско. Во 1975 година завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал. Од 1976 до 1985 година бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје.
Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а учествувал и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.
Изложбата ќе ја отвори Маја Неделкоска Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија.