Самостојна изложба на ликовниот уметник Иван Ивановски насловена „Релапс“ ќе биде отворена вечер во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.
Кураторот на изложбата Владимир Јанчевски посочува дека во услови на развиен страв од новиот бран на епидемијата, блокирана имагинација и очекувани економски, социјални последици, изолацијата не исправа пред предизвици за начините кои ќе се гради иднината. Преку сликите, додава тој, мислиме, на поинаков начин, „сликата е феномен кој на различни начини ја разрешува и/или комплицира нашата релација со стварноста, како некаква мапа за ориентација или како параван зад кој се сокрива нешто“.
-Изложбата насловена „Релапс“, е сложена целина од составена од неколку серии слики во различни формати кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот. Иван Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност. И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт, и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите, вели меѓу другото Јанчевски.
Иван Ивановски (1983, Скопје) работи скулптури, цртежи, инсталации, слики , видео, филм и анимација. Дипломирал на отсек вајарство на Ф.Л.У. Скопје, а студирал и на Академски програм за режија на Ф.А.М.У., Р. Чешка. Има реализирано 17 индивидуални (Скопје, Куманово, Гевгелија, Њујорк, Љубљана, Берлин…) и повеке групни изложби меѓу кои и – Биенале на млади уметници од светот (WEYA) , NewArt Exchange (Нотингем, Англија, 2012), Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот (Рим, Италија, 2011), Фестивал за визуелни уметности и независен филм 4 синхронизирани градови (Приштина, Амстердам, Сараево, Скопје, 2010), PROJECT(OR) ART FAIR – платформа за современи уметнички простори(Ротердам, 2007), IndependentDrawingGig (IDG) Vol. 2, Музеј на современа уметност, (Скопје, 2006) и многу други во земјава и странство. Во 2014 година е добитник на наградата за млад ликовен уметник “Денес“ која ја доделува Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско опшество од Њујорк.
Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите. Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопј. Како дел од јадрото на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), коорганизирал, кокурирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми. Добитник е на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година од областа на ликовната критика што ја доделува АИКА Македонија.
Изложбата е поддржана од: Министерство за култура на Република С. Македонија, Младински културен центар и Град Скопје.