Националната галерија на Македонија денеска организираше средба „Разговор посветен на публиката“ со концептуалниот уметник Владо Мартек од Хрватска. Средбата се одржа во објектот Чифте амам, каде што од 24 ноември е поставена изложба на негови дела „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“.
Кураторот на изложбата Викторија Васева Димеска на прес-конференција потсети дека „Разговорот со публиката“ се реализира денеска бидејќи хрватскиот сликар, есеист, поет и концептуалист не бил на отворањето на изложбата.
Мартек потсети дека првпат изложувал во Скопје пред 13 години во Музејот на современа уметност. Кустост на изложбата бил Тихомир Миловац од Загреб, а изложбата патувала низ Европа и од Москва пристигнала во Скопје.
За изложбата „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“ информира дека има 100-тина дела, стари и нови во различни медиуми. Има слики, цртежи, колажи, асамблажи, песни, текст, скулптури
– Изложабата ја направив така да и биде интересна на публиката. Секој внимателен посетител ќе види дека тука има нешта во различни медиуми и тоа не е вообичаено. Уметниците обично изложуваат или циклус слики, циклус цртежи посебно, па посебно скулптури…, рече Мартек, кој додаде дека не е само сликар, писател, скулптор, туку е уметник кој ги користи сите медиуми за да изрази некоја идеја. Тоа за него е примарно.
Потсети дека почнал да работи во почетокот на 70-тите години од минатиот век, во добата на концептуализам и оти му е својствено да го преиспитува јазикот на уметноста.
– Мој матичен медиум е поезијата, пишувањето. Од пишувањето на поезија навлегов во ликовната уметност, потенцира Мартек и додаде дека на неговите дела има изрека, парола, текст, а ако нив ги нема, тогаш има апликации, огледала…
– Главно тоа се мои зборови, а многу од цртежите се како сликовно писмо, нагласи Мартек. Тој подготвува една графичка мапа во Загреб, која би требало да претсатавува омаж за негов пријател, кој неодамна починал. За следната година, на пролет ќе има смостојна исложба во Берлин. Изрази надеж дека повторно ќе дојде за една или две години во Скопје.
Владо Мартек (Загреб, 1951) живее и работи во Загреб и Ровињ. Дипломирал книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб (1976). Во почетокот се занимавал со визуелна и конкретна поезија, од средината на 1970-тите – со концептуализам, акционизам, со уметнички книги, и aут принт (22 самиздати, летоци, плакати, разгледници).
Од почетокот на 1980-тите се занимава со сликарство, скулптура, графика, ленд арт. Пишува поезија, текстови и критики за ликовни практики. Објавил единаесет книги – од збирки поезија, збирки текстови и инсценирани фотографии, до книги есеи за современата уметност и две коавторски изданија на графички мапи.
Делата на Мартек се наоѓаат во музеи, галерии и приватни збирки, меѓу кои: МоМа во Њујорк; Лудвиг музеј во Виена; Модерна галерија во Љубљана; МСУ во Загреб; во збирката на Рене Блок, Берлин, Збирката на Ерсте банка, Виена, три дела од фазата на концептуалистичката практика се наоѓаат во збирката на Музејот Помпиду во Париз…