Настанот „RADIOHEADJAZZ!“ привлече голем број на музички вљубеници кои во саботата вечерта, на 30 ноември, дојдоа во Филхармонија да го слушнат уникатниот музички перформанс кој ја соедини музиката на влијателните „Рејдиохед“ со магијата на џезот!
ЗЏМ Биг-Бендот (Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари), под чија капа се организираше настанот, предводен од австрискиот врвен диригент, маестро Зиги Фајгл, фантастично ја „одигра“ улогата да ја пренесе магичната музика на најдобриот алтернативен бенд на сите времиња и да ја конектира со еден сосема поинаков музички израз – џезот.
Концертната сала на Филхармонија се чини никогаш досега не била толку исполнета, а музичките уметници, членовите на ЗЏМ Биг-Бендот покажаа виртуозност во нивната изведба и, се разбира со главната улога на маестро Фајгл, проникнаа во комплексноста на музиката на езотеричните „Рејдиохед“!
Ова беше настан кој долго ќе се памети, заради автентичноста на партитурите, огромниот интерес и се разбира, најмногу заради професионалниот влог на музичарите и одличното озвучување.