Nature meets technology е работилница за звук и теренски снимки која овој викенд ќе се одржи во селото Лазарополе. Ова интерактивна работилница која е дел од проектот Креативен викенд е наменета за локални и интернационални артисти кои се заинтересирани за звук, теренско снимање, аудио монтажа и продкуција, радио арт, саундарт, но и за сите оние кои имаат интерес да се запознаат со основите на звучната уметност.
Резултатите ќе бидат претставени преку импровизациски сесии во рамките на самиот настан, а потоа и на други локации низ Македонија од која првата ќе се одржи на 2 јули во арт кафе Менада каде ќе имаат концерт и групата StJv.
„Nature meets technology е работилница за звучен пејзаж и теренски снимки, каде уметниците што сакаат природа и звук и имаат сличен пристап кон музиката и животот, ќе имаат можност се соберат на едно прекрасно место и заедно да работат, создаваат, да ја претстават својата работа, да соработуваат и да уживаат во природата“, изјави Тони Димитров кој е еден од кураторите кои ќе ја водат работилницата.
Предвидени се работни сесии, кратки предавања, презентации, дискусии, теренско снимање на звуци и практична работа во природа, објасни тој, додавајќи дека оваа година на работилницата за прв пат ќе учествуват артисти и од други земји како Србија, Франција и Мексико.
Работилницата е трета во серијата работилници од овој тип работилници за звук (по работилницата за звучен пејзаж во урбана средина), а втора во Лазарополе, додека во план е иницијативата да продолжи да се развива понатаму во различни правци и со различен концепт.
Темјана Поповска