Со стоечки овации и бисеви публиката на „Охридско лето“ синоќа го награди рускиот виртуоз на пијано Николај Лугански по двочасовниот концерт во акустичната црква „Света Софија“.
Настапи со дела на Шуберт и Чајковски, а по завршување на настапот изјави дека не жали што по четврти пат настапува во црквата „Света Софија“.
– Во Охрид секогаш настапувам со големо задоволство. Тука настапувам веќе четврти пат. Малку е жешко и средината на летото повеќе е за одмор отколку за свирење концерти, но сепак ова е мистериозно место, кое секогаш сакам да го посетам. Многу сум и благодарен на публиката која многу внимателно ја слушаше денешната програма што воопшто не е лесна за следење, ниту Шуберт, ниту Чајковски-сонатата, истакна Лугански.
Македонската пијанистка Маја Кастратовиќ по завршувањето на концертот рече дека изведбите на Лугански ја оставиле без здив.
– Преполната сала во „Света Софија“ беше импресионирана од еден од врвните пијанисти од младата генерација пијанистичка елита во светот. Се работи за пијанист кој е исклучително префинет и чувствителен. Вечерва присуствувавме на неверојатно емотивен набој. Сето тоа со брилјантност и неверојатна виртуозност. Можам да кажам дека и програмата што ја избра за публиката беше фасцинантна, изјави Кастратовиќ.
Пијано-концертот на Лугански го следеше и неговиот колега, рускиот виолончелист Александар Книажев, кој претходниот ден имаше свој настап на „Охридско лето“ заедно со пијанистот Андреј Коробеиников.