Античкиот локалитет Стибера кај прилепското село Чепигово, најпознат по мермерните статуи, на јавноста ќе ѝ претстави градски жртвеник. Прилепскиот завод и музеј првпат по пет години конзервира објект на локалитетот.
Според Кире Јовановски, архитект-конзерватор во Завод и музеј Прилеп, станува збор за прва конзервација на градски жртвеник што жителите на античкиот град Стибера пред 18-ина векови го користеле за секојдневни потреби. Тој се наоѓал на околу 700 метри од центарот на овој град што се простирал на двата брега на Црна Река.
– Проектот за конзервација на жртвеникот во Стибера е дел од годишната програма на Прилепскиот музеј, финансиран од Министерството за култура. Станува збор за објект во основа пет на пет метри. На основата има фино делкани блокови од бел мермер. Тоа се големи камени квадри кои достигнуваат тежина и до еден и пол тон, меѓусебно поврзани со лиена оловна фуга. Имаме направено и графичка реконструкција на објектот, врз основа на елементите најдени при археолошките ископувања. Целта е да го зачуваме културното наследство. Напорно се работеше, зашто деловите, мермерните блокови и елементите беа најдени расфрлени, а некои населението ги употребило да ја уредат селската чешма, на пример, со два мермерни блока. Овој објект од некрополата во центарот на Стибера е оддалечен околу 600 до 700 метри, преку Црна Река е, но тоа е нормално, знаејќи дека Стибера бил голем град со околу 20 000 жители и се простирал на голема површина. На пример, јужно од овој жртвеник, на околу 300 до 500 метри, има остатоци од бања. Тоа укажува дека и во делот каде живеело населението имало репрезентативни објекти, објаснува Јованоски.
Археологот, советник-кустос Душко Темелкоски рече дека деловите на жртвеникот се откриени пред четири години и укажуваат на отворен тип, за разлика од познатиот храм на боигињата Тихе кој бил од затворен тип, и најпознат по гимназиумот.
-Во 2014 година, на западниот влез на селото Чепигово, првпат се истражуваше на ова место, од другата страна на Црна Река, Се открија остатоци од објект кој, со истражувањата, се потврди дека станува збор за отворен тип на градски жртвеник. Не како што е храмот на заштитничката, богињата Тихе кој е од затворен тип. Веројатно овде секојдневно се вршеле процесии. Намерниците, верниците од тоа време, можеле да приложат жртва. Потекнува од првиот и вториот век од нашата ера кога тогашниот римски град со зачудувачки околу 20 000 жители бил во најголемиот процут. Сѐ уште не се знае на кој бог му е наменет жртвеникот, изјави Темелкоски.
За среќа, сметаат стручњаците, објектот е на државно земјиште па може да се конзервира. Нерешениот статус на сопственоста на парцелите е најголем проблем за овој голем локалитет каде што се живеело од 3 век пред нашата до 4 век од нашата ера. А жртвеникот бил најактивен околу 1 до 2 век од нашата ера, кога процутот бил во римскиот период.
-Жртвеникот е на државно земјиште, па може да се конзервира. Во спротивно, ако беше на приватно земјиште, ништо од ова не можеше да се направи. За разлика од другите објекти кои со години ги истражуваме и се на приватно земјиште, па таму не може да се направи конзервација. Останува, веќе 20-ина години, проблемот со овој локалитет, што поголем дел од него е на приватно земјиште, на парцели на околните жители. Не е ништо направено парцелите да бидат заменети или да се откупат од жителите. Овој проблем оневозможува големиот локалитет Стибера да се конзервира и со време да биде отворен за туристички посети, рече Темелкоски.