Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ ја спроведе првата фаза од проектот „Што е (денес) кореографија?“, која се состои од уметничка резиденција во Кино Култура.
Во проектот за развој на кореографски концепти и процеси на творење се вклучени тројца македонски автори-кореографи (Викторија Илиоска, Валентино Апостоловски и Александар Георгиев), и еден куратор (Биљана Тануровска-Ќулавковски), но и други надворешни соработници, како теоретичари, драматурзи, режисери…
Премиерната изведба односно претставување во јавност на Викторија Илиоска се очекува во октомври, а во ноември на Александар Георгиев и Валентино Апостоловски во Кино Култура.
– Идејата на овој кураторски истражувачки-проект е да излезе од рамките на традиционалната мапа на производство на изведувачките уметности – танц и перформанс и да поддржи процес на творење кој ќе содржи развојни компоненти, во вид на кураторски поставени задачи, кои ќе овозможат поширока видливост, примена и уметничко и општествено значење на кореографските концепти, соопшти „Локомотива“.
Уметничка резиденција / кореографски концепт на истражување е првата фаза од проектот „Што е (денес) кореографија“, а следни фази се: јавна дискусија/предавање; развој на фидбек сесија – развивање аналитичко-критичка пракса; опис на методологија.