„Лет со умот кон папокот на универзумот“ е насловот на книгата со три пиеси во стихови на новинарот, поет и драмски автор Љубомир Грбевски, поднасловена „бајки несолени за мали и за големи“. Покрај бајката-пиеса од насловот, книгата што ја објави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, ги содржи и „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“.
Инспирација на авторот му се класични и бајковни ликови од богатата лектира, но во спој со современите чувствувања и одгласи, според времето и вкусот на денешните деца во чиј речник се зборови од модерната електронска технологија и жаргони на новото време. Бидејќи класичните приказни се малку анахрони за денешните деца, во наративот на Грбевски има принцези и џинови кои имаат мобилни телефони, возат скироли…
-Да се пишуваат нови бајки, практично е да се пародираат старите модели од Шарл Перо, браќата Грим, Андерсен итн. Со пародирањето ги деконструирам на некој начин. За да го заинтересираш современиот детски читател, мора да бидеш во овој свет и да се направи микс што ќе ги привлече најмладите, рече авторот Грбевски денеска на промоцијата што ДКУС ја организираше во рамки на „Скопско лето“.
Книгата ја претстави писателот Стево Симски, кој го истакна токму тој нејзин квалитет – пронаоѓањето нови зборови и жаргони. – Во оваа книга со над 3340 стихови во рима има богата лексика. Играта на авторот од архаичното во литературниот јазик до жаргонското ѝ дава особен белег на книгата, рече Симски.
На неговото прашање каде ја црпи инспирацијата за јазикот, авторот Грбевски одговори – од најмладите, некогаш тоа бил неговиот сега возрасен син, а сега внукот и неговите врсници кои го употребуваат, како што рече, тој специфичен новојазик.
-Јас малку наслушнував и се обидував од сето тоа да направам литература, додаде Грбевски, кој пред две години претстави и шест пиеси за тинејџери насловена „Бајки-тралалајки“, исто така во издание на ДКУС.
На промоцијата беа прочитани извадоци од неговата новата книга, со звуци од гитара во изведба на музичарот Јаков Дренковски.