„Прометеј“ нова премиера на Турскиот театар

Од:

Претставата „Прометеј“ по текст од Есхил во режија на Дејан Пројковски, в недела, премиерно ќе биде изведена од Турскиот театар.

Режисерот Пројковски на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за претстава работена во радикална експериментална форма во која значаен дел од играта на актерите е базиран на движењето. Ја обработува големата тема на Прометеј, кој му го подарил огнот на луѓето, а кој оган во претставата често ликовите го бараат преку потрагата по човекот, човечкото во себе и кој станува своевиден симбол на нивната совест.

– Мислам дека успеавме да создадеме еден наш, би рекол измислен антички тип на театар заедно со Олга, Рафик и Горан и со актерската екипа. И кога би требало со еден збор да кажам што е нашиот Прометеј тоа е лабораторија за антички театар, рече Пројкоски.

Според него, в недела публиката ќе може да види една шокантна актерска игра што ја тестира актерската и театарската издржливост.

За кореографот на претставата Олга Панго, за која ова е втора соработка со Турскиот театар, претставата носи нов современ израз наспроти она што е класична актерска игра. Како Пројкоски и таа е особено задоволна од соработката со актерите од Турскиот театар и нивната отвореност и професионалност при извршувањето на сите задачи за време на пробите.

Авторот на сценографија и долгогодишен соработник на Турскиот театар Владо Ѓорески – Рафик рече дека специфика при работењето на оваа претстава е што се барало точна, а не убава сценографија. А тоа значи да се ослободи, да се исчисти просторот за режисерската мисла, за извонредната кореографија и за беспрекорната актерска игра.

– Целокупната работа на претставата е чист, искристализиран и јасен естетизам со што Турскиот театар со овој проект влегува во најсовремените европски театарски движења, вели Ѓорески.

Музиката за претставата е на Горан Трајковски. Главните улоги ги толкуваат Селпин Керим, Џенап Самет, Сузан Акбелге и Неат Али искусна актерска екипа на Турскиот театар.

– Уживавме во работата на претстава. Ова беше за нас тежок процес, пред се заради физичкиот напор кој се бара од актерите, вели Самет.

Во претставата која ќе биде изведена на сцената на Театар Комедија, настапуваат и студенти дипломци од Факултетот ЕСРА.

Ова е четврта претстава која Пројковски ја работи со Турскиот театар по претставите „Гилгамеш“, „Тартиф“ и „Ромео и Јулија“.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје