Програмата за денеска во рамки на „Охридско лето“ почнува уште на пладне на сцената „Долни Сарај“, преку проектот „Детски свет“ во чии рамки пред публиката ќе бидат презентирани изложби, театарски претстави, музички настапи на најмладите генерации.
Станува збор за проект осмислен и вклучен во Фестивалот по повод 12 август – Меѓународниот ден на младите, преку кој на публиката во Охрид ќе и бидат понуди културни содржини осмислени и креирани токму од најмладите, а како активност насочена за приближување на културата и вистинските уметнички вредности до најмладата публика.
Фестивалската програма продолжува и вечерва, на сцената на катедралната црква „Света Софија“, со концерт на македонските виолинисти Климет Тодороски и Костадин Богданоски, во пијано придружба на Дино Имери и Марија Ѓошевска.
Костадин Богданоски е еден од најреномираните виолинисти на македонската класична сцена. Тој е роден во уметничко семејство, на рана возраст започнува да учи виолина и на само десетгодишна возраст премиерно настапува со оркестарот на Македонската филхармонија. Како млад талент е добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија. Богданоски дипломира на 20-годишна возраст на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како најмлад дипломиран студент во дотогашната историја на Универзитетот. Високото образование го продолжува на Националниот конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на проф. Благоја Димчевски, стекнувајќи се со Почесна диплома со златен медал. Професионалната музичка кариера ја започнува во Националниот оркестар „Де Капитол“ во Тулуз, Франција под диригентската палка на познатиот Мишел Пласон. Во 2003 година на 25-годишна возраст станува концерт-мајстор во една од најреномираните оперски куќи Големиот театар „Лицеу“ во Барселона, Шпанија, а како дел од оркестарот на „Лицеу“ музицира под диригентската палка на светски познати диригенти и има можност да соработува со светски познатите оперски пејачи меѓу кои и Пласидо Доминго, Роландо Вилазон и Едита Груберова. Од 2008 година работи и како професор во Академскиот оркестар во рамките на театарот „Лицеу“. Костадин свири на инструмент изработен од неговиот татко Светозар Богданоски.
Климент Тодороски е роден во 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и во Битола, а го продолжува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на професор Благоја Димчевски сè до 2002 година. Дипломира на ФМУ-Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Како солист настапува со Македонската филхармонија, камерниот и симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје и „Охридско лето”, Хераклејски вечери… Учествувал во реализацијата на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и симфонискиот оркестар на „Капитоле“. Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на концертната турнеја низ Македонија (2007-2008), Велигденскиот концерт – Скопје (2008), како и настапот во седиштето на Обединетите нации на покана на претседателот Срѓан Керим. Климент Тодороски е солист на концертот со кој диригира светското чудо од дете, диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ во 2009 година. Климент Тодороски работи како концерт-мајстор во Македонската опера и балет од 2009 година.
На програмата на концертот закажан за 20:30 часот се избрани дела на Шуман, Сметана, Стравински, Сен-Санс, Франк, Прокофјев.