Со финансиска поддршка на Министерството за култура, стручните екипи од Музејот во Куманово и археолозите од Управата за заштита на културното наследство, ги продолжија ископувањата на локалитетот Градиште во близина на селото Младо Нагоричане, Кумановско, во близина на магистралниот пат кон Република Бугарија.
– На повеќеслојното наоѓалиште, на површина од 400 метри квадратни, откриени се голем број столбови и елементи од камена пластика кои, според археолозите, најверојатно припаѓале на луксузна градба, резиденција или палата, датирана од 3 до 4 век п.н.е. Поради раскошните наоди, археолозите претпоставуваат дека се работи за палата на локален владетел. Според некои истражувачи, можно е тука да било лоцирано дел од племето Агријани, познати по својата борбеност и прочуено во битките кои ги воделе за Александар Македонски, соопшти Министерството за култура.
Резултатите од годинашните ископувања се од особено значење, нагласува Министерството, затоа што преку добиените сознанија кумановскиот регион се вклучува во цивилизацијата која егзистирала во посочениот период во скопскиот, овчеполскиот и јужноморавскиот регион, а чиј развој се следи преку локалитетите Бразда, Исар – Студеничани, Градиште – Кнежје и Кале- Кршевица. Според динамиката за реализиција на предвидените активности, истражувањата на локалитетот Градиште, ќе продолжат до крајот на годинава.
– Локалитетот Градиште, Младо Нагоричино е познат по рекогносцирањата извршени пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитетот, железното време, раната антика и хеленизмот, соопшти Министерството за култура.