Продолжува обновата на автентичните стари градби во Крушево

Од:

Со финансиска поддршка на Министерството за култура во Крушево во тек е конзервацијата на куќата на ул.„Нико Доага“ број  65, која е дел од проектот на  Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура.

Конзервацијата на објектот, како што соопшти Министерството за култура, се одвива во неколку фази, а  стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп во моментов интензивно работат на зајакнување на темелите  и на замена на покривот на куќата.

– Овој објект, со конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста. Со реализацијата на проектот, целосно ќе се зачува автентичниот изглед на фасадата на објектот кој се наоѓа во непосредна близина на галеријата „Мартиновски“ со што ќе се придонесе за оформување на една комплетна слика за градителското наследство на Крушево, се наведува во соопштението.

По обновените фасади на куќите на семејството Важарови и на семејството Бинка,  куќата на ул. „Нико Доага“ број 65, е трет објект на староградска архитектура со впечатлива надворешност во Крушево, на кој се обновува  фасадата. Враќањето на сјајот на овие објекти претставува поттик за идните градители во Крушево да ги следат традиционалните вредности при градењето со што ќе се овозможи странските и домашни посетители да и се восхитуваат на старата македонска архитектура.

Во рамките на проектот за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура освен во Крушево обновени се фасадите на објекти во  Скопје, Кичево, Битола, Охрид, Гевгелија, Гостивар и Кратово.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот