Привршуваат подготовките за 55. издание на Охридско лето

Од:

Привршуваат последните подготовки за 55. Јубилејно издание на фестивалот Охридско лето, информира денеска директорката Елизабета Јанкуловска по средбата со охридските пратеници Алесандар Николовски и Сашо Василевски.

Почетокот на Балканскиот фестивал синоќа, според Јанкуловска, потврдил дека сцената Долни Сарај е готова, бидејќи е освежена.

– Се завршуваат и ситни декорации на Антички и од утре ќе почнеме да ги чекаме екипите за техничките подготовки за свеченото отворање на Охридско лето, в недела на Антички театар со сценската кантата „Кармина Бурана“ и шпанската продукција Ла фуера делс Баус, Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, истакна Јанкуловска.

Директорката на Фестивалот потврди дека и годинашното издание се реализира со огромна поддршка на целата држава.

– Целата подготовка ја направивме благодарение на поддршката што ја имаме и од Министерството за култура, од Претседателот како покровител, пратениците и oпштина Охрид и градоначалникот, кои ни помогна во уредување на целиот тој дел за да се претставиме како добри домаќини и организатори на 55-тото издание, нагласи Јанкуловска.

Средбите на пратениците со менаџментот на Фестивалот, според Александар Николовски, се традиционални. Toj вети дека ќе продолжат и во иднина.

– Имаме традиција неколку дена пред свеченото отворање на „Охридско лето“ да се видиме и да поразговараме за програмата, за она што ќе се случува во 40-те дена во Охрид, што ние можеме како пратеници во нашиот дел да помогнеме, како најдобро да се промовира фестивалот, рече Николовски.

Тој оцени дека „Охридско лето“ конечно функционира во нови простории кои го заслужуваат имиџот и реномето на фестивалот и претставуваат пријатно катче за работа, како на вработените, така и за уметниците што доаѓаат.

– Ја поздравувам исклучително амбициозната програма која ја има годинава „Охридско лето“, не само отворањето кое е спектакл сам по себе, туку и целата програма затоа што доаѓаат навистина уметници и артисти од светски калибар кои се големи имиња во својата област без разлика каде настапуваат, изјави Николовски.

Пратеникот Сашо Василевски посочи дека денешната средба со раководството на фестивалот не е протоколарна, туку напротив, како што рече, соработката трае во текот на целата година.

– Ние како пратеници не дојдовме денеска протоколарно, туку нашата соработка трае преку целата година со нашето лобирање во Парламентот, со носењето на буџетот. Денеска директорката не запозна со плановите, со проекциите, што не очекува во следниот период. Ако до пред некоја година разговаравме за лошите економски резултати и загубите кои ги имаше во континуитет „Охридско лето“, денеска, а се надевам и во следните години ќе разговараме за убави планови, фестивалот да биде препознатлив бренд во целиот свет, рече Василевски.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма