Пристигнаа ѕвездите на концертот што ќе го отвори „Охридско лето“

Од:

Многу сме среќни што сме тука, што првпат на двајцата ни се даде можност да ја запознаеме овдешната публика и убавините на оваа земја за која што сме слушнале. Се надеваме дека утре нема да врне, дека времето  ќе не послужи, истакнаа уметниците Барбара Фритоли и Лео Нучи, ѕвездите на утрешното свечено отворање на годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Италијанскиот баритон Нучи  изрази задоволство  што му е доделена честа токму нему и на неговата колешка, сопранистката Фритоли, да бидат дел од еден прекрасен фестивал и во спектакуларен амбиент  што зрачи со расположение и ведрина за каква што има слушнато од неговите колеги кои претходно настапувале на фестивалот.

Ѕвездите на утрешното отворање пристигнаа со приватен авион на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ и веднаш се упатија на прием кај претседателот Ѓорге Иванов во резиденцијалната вила „Билјана“.

– „Охридско лето“ на оваа 54. издание е домаќин на атрактивни настани и светски уметници, домаќин на најдобрите, најзвучните и на познатите уметници. Така и ќе започне ова фестивалско издание утре на Античкиот театар од 21 часот, со мегаѕвездите – оперската дива Барбара Фритоли и легендарниот  Лео Нучи заедно со Македонската филхармонија со атрактивна програма на големиот Џузепе Верди, изјави селекторот на музичката  програма на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска.

Според критиката, Фритоли е гламурозна певица со ангелски глас која уште со првиот контакт ја освојува публиката, а Лео Нучи го оценува  не само како фантастичен пејач, туку длабок уметник со вистинска емоционалност, кој на фантастичен начин ја доловува улогата што ја толкува, ја маѓепсува публиката и ја пренесува во друг свет и во друго време.

Гала-концертот на Џузепе Верди, на утрешното свечено отворање на фестивалот, ќе го води аргентинскиот диригент Луис Горелик. И оваа година „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседалот  на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма