Во меморијалниот центар „Пелинце“ денеска со презентација на изработените дела заврши 41. Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2015“, на која учествуваа уметници од Македонија, Србија и од Романија.
Колонијата заеднички ја организираат општина Куманово и НУ Музеј на Куманово. Градоначалникот Зоран Дамјановски изјави дека Куманово и понатаму ќе продолжи да ја негува ликовната уметност.
– Мислам дека имавте добри услови за творештво. Направивте голема збирка и благодарам од мое име и од име на сите граѓани, рече Дамјановски, обраќајќи им се на уметниците.
На ликовната колнија уметниците имаа можност да креираат дела, но истовременои да разменуваат мислења, споделуваат знаења и стекнуваат пријателства.
– Круна на сето ова десетдневно дружење од ликовната колонија „Куманово“ ќе биде изложбата за време на роденденот на нашиот град, што ќе се одржи во Уметничката галерија во Куманово, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска.
И уметниците кои учествуваа на колонијата сметаат дека таа е една од најугледните колонии, не само во државата,туку и во странство.
Уметникот Христо Петрески, изјави дека амбиентот во Пелинце е идеален за творење.
– Колонијата навистина е респектабилна, не само по бројот, туку и по имињата на учесниците. Со гостите од странство веќе се договоривме за гостување, изјави Петрески.
Уметницата од Белград, Ирина Чернавски Шантриќ, изјави дека прв пат учествува на колонијата и дека изработила три дела, а инспирација пронашла во манастирот Свети Ѓорѓи.
Колонијата „Куманово“ е меѓу најстарите ликовни колонии во државава и се одржува од 1974 година. Над 1.000 изработени дела во разни техники од претходно одржаните колонии, изложени се во простории на државни и општински институции.