Постмодернистичката претстава „Лет над кандидатското гнездо“ на Театар Комедија од Скопје, по неодамнешната премиера, вечер ќе биде изведена на сцената на народниот театар во Битола, а во рамки на културната манифестација „БитФест“.
Во фестивалскиот билтен на „БитФест“ се нагласува дека „Лет над кандидатското гнездо“ е приказна за луѓето што не признаваат дека се тоа што се, дека тоа е сателитска снимка на измешани соништа во која, според авторот Блаже Миневски, сами си ги создаваме нашите варвари, а потоа се чудиме зошто комедијата се претвора во ехо од крик, кикот и вресок.
Во претставата „Лет над кандидатското гнездо“ настапуваат Драган Спасов-Дац, Крсте Јовановски и младите актери на „Театар Комедија“ Жарко Димоски, Кристина Ласовска, Атанас Атанасовски, Тања Мицков, Едмонд Сотир и други актери кои со режисерот Андреј Цветановски, претставата ја посветија на прерано починатиот режисер Владо Цветановски.
– Оваа претстава ја посветив на мојот татко Владо Цветановски, неуморен фантазер од кого ја научив македонската традиција и бит, но исто така научив дека секогаш треба да ја испитувам, посочи режисерот Андреј Цветановски во фестивалскиот билтен на „БитФест“.