Премиера на монодрамата „Делириум тременс“ во Прилеп

Од:

Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утревечер премиерно ќе биде прикажана монодрамата „Делириум тременс“  по текст на Благоја Ристески Платнар, а во актерска игра и режија на Игор Трпчески-Трпче. Претставата е копродукција на „Театарска работилница“ од Прилеп и на театарот „Војдан Чернодрински“, а проектот е финансиран од Министерството за култура.

Според актерот и режисер Игор Трпчески-Трпче, станува збор за текст на македонскиот и прилепски драмски автор Благоја Ристески Платнар, мошне значаен зашто ги претставува речиси сите фази или театарски жанрови кои се откриваа додека се работеше на сцената.

– Овој текст на Платнар ја содржи целата историја на театарот заложена во себе си, поминува низ повеќе фази-жанрови, од комедија, фарса, апсурд, психодрама, антидрама, па низ антитеатар, а ние во процесот на работа стигнавме и до епски театар, па и до кабаретски-музички театар. Тоа е големина вткаена во десетината страници на текстот на Благоја Ристески Платнар. Благодарен сум на семејството Ристески кое ни отстапи да го работиме овој проект, рече Трпчески.

Самиот наслов на монодрамата е всушност лекарска дијагноза, објаснува Трпчески. – Насловот „Делириум тременс“ е дијагноза, поставена за апстиненцијалните кризи на алкохоличарот. Некои ефекти ги доловивме преку музички перформанси. Сите кризи во животот може да резултираат на два начина – да научиме нешто и да излеземе од нив прочистени или да не научиме ништо и да го завршиме животот. Оставивме отворено преку интеракцијата со публиката таа да го има својот крај за монодрамата, вели Трпчески.

Претпремиерно „Делириум тременс“ деновиве е прикажана на Фестивалот на монодрамата во Битола каде, според Трпчески, наиде на одличен прием и веќе доби покана за учество на фестивал надвор од земјава. Кон крајот на мај ќе учествува на Фестивалот „Албо моно“ во Корча, Албанија.

Според раководителот на Прилепскиот театар Стојан Дамчески, ова е прв копродукциски проект годинава и театарот ги поддржува сите вакви независни проекти. На Трпчески ова му е втора монодрама. Во 2000 година во Прилепскиот театар ја постави „Дневникот на лудиот“ која беше прикажана и на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Освен премиерата на текстот на Благоја Ристески Платнар, независната „Театарска работилница“ го објави целиот текст на македонски и на англиски јазик со предговор на професорот Ферид Мухиќ.

 

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ