Премиера на македонско-грчкиот театарски проект „Рес“ од Еврипид во Битола

Од:

Мал драмски театар-Битола соопшти дека се завршени подготовките за македонско-грчкиот театарски проект, претставата „Рес“ од Еврипид во режија на Павлос Данелатос од Грција, за која преводот од грчки на македонски јазик го направи Томислав Османли.

Најголем дел од подготовките се вршеа во театарот „Андреас Воутсинас“ во Солун.

Според продуцентот Благој Стефановски, по враќањето од Солун во Битола, на 3 и 4 јуни актерите од Македонија и Грција претпремиерно ќе се подготвуваат на сцената на античкиот театар во Хераклеја Линкестис, а премиерата ќе се одржи на 6. јуни.

– Ова е еден од најзначајните театарски проекти. Станува збор за претстава во која настапуваат 30 лица, тоа е праизведба на текст од Еврипд кој случајно беше пронајден. Во претставата се говори на македонски и на грчки јазик, музиката ја подготви Оливер Јосифовски и во сите хорски композиции се пее на македонски јазик. На својот грчки јазик говорат актерите од Грција со кои одлично соработувавме и чија желба беше да се игра на античката сцена во Хераклеја Линкестис, истакна Стефановски.

Во претставата „Рес“ од Еврипид заеднички ќе настапат дипломирани ученици и ученици од вишата школа за Драмски уметности „Андреас Воутсинас“ од Солун, и македонските актери Јоана Поповска, Борис Чоревски, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Стефанија Зисовска, Борче Ѓаковски, Марија Стефановска, Здравко Стојмиров, Александар Лозановски, Сандра Грибовска, Бисера Бендевска, Александар Стефановски и Марија Кочовска.

– Претставата „Рес“ е финансирана од ИПА програмата за погранична соработка, во рамките на проектот „Од драма до современа уметност“-Интеракт. Претставата ја подготвувавме во извонредна работна атмосфера и без никакви пречки со што покажавме дека уметноста нема граници. Задоволни сме што во рамки на овој проект се одржа и семинар за драмски техники во образованието кој го изведе гостинката од Грција, професорката и режисер Софија Караканѕа, истакна Александар Лозановски продуцент во Мал драмски театар-Битола на денешната средба со новинарите во овој град.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“