Пред платото на Македонската опера и балет вчеравечер се одржа промоција на детската книга „Куферко светскиот патник од Македонија“ и премиерата на истоимената театарската детска претстава.
„Куферко светскиот патник од Македонија е мало и љубопитно, темпераментно и срамежливо куферче, олицетворение на децата или на детето кое посоти во секој од нас. Тој е симбол и спој на македонската традицијата и историјата, јазикот и културата, хуманоста и етиката.
„Куферко светскиот патник од Македонија“ е нашиот верен и искрен другар, кој на лесен и забавен начин ќе не воведе во неговите секојдневни активности и лудории, преку детската игрливост и наивност и на позитивен начин ќе не воведе во својот волшебен свет“, вели авторката Симона Ристевска.
Ристевска вели дека ова е прва книга од серијата на книги посветени на Куферко, за кои допрва ќе се слуша.
„Со сигурност може да се каже дека за прв пат во нашата земја во издавачката и драмската дејност, се создава автентичен, домашен бренд, кој долго ќе живее и ќе ги плени детските срца“, вели авторката.
Режисер на претставата е Трајко Јордановски, сценограф Бојан Бранѓолица, светло мајстор Милчо Александров, костимограф Катерина Митева Бошковска, шминкер Златица Поповска.
За илустрациите во книгата се погрижи Симона Јовчевска, а графичката подготовка е на Иван Пенев.