Премиера на „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски во МНТ

Од:

Претставата „Изгубени Германци“ по текст на Дејан Дуковски вечер ќе биде премиерно изведена во Македонскиот народен театар (МНТ).

Режијата е на Слободан Унковски кој по осум години повторно се враќа на сцената на МНТ.

Тони Михајловски, Никола Ристановски, Камка Тоциновска, Ѕвезда Михајловска, Јовица Михајловски, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Сања Арсовска и Емил Рубен ја сочинуваат актерската екипа, кореографијата е на Кренаре Невзати – Кери, Виктор Михајлов е потписник на сценографијата, а костимографијата и воопшто целиот дизајн е на Бојана Никитовиќ од Белград.

Човечки маани, фрустрации, алчност, љубов, хомосексуалност, нацизам, левичарство, смисла на живот, се само дел од базичните, болни прашања што ги третира претставата чија подготовка, како што вели Унковски, траеше речиси пет месеци. Текстот е крајно специфичен, необичен, инспиративен, допира до хаосот и вознемиреноста на нашето општество. Нема да ги задоволи апетитите за евтини дневно-политички определби и насочувања зашто во суштина се однесува на судбината на обичниот човек.

Според Унковски, претставата зборува за генералните состојби во македонското општество, не толку политички, колку етички. Цврсто е закопана во 1944 година, но идеите кои се обидува да ги артикулира се многу современи, актуелни.

Ова е прва права, целовечерна драма на Дуковски без фрагментарна драматургија, со ликови кои одат од почеток до крај на начин специфичен за авторот, смета професорот кој го нарекува Дејан „македонскиот современ Чехов“.

Дуковски идејата за текстот ја имал подолго време, најпрво ја гледал како сценарио за филм, а базира, рече, на вистинска приказна.

– Овој текст е многу поразличен од моите досегашни. Има поспецифична, отворена структура. Исклучително сум задоволен од реализацијата, сепак, ми е многу важно како ќе помине и искрено, имам трема. Мислам дека успеавме да допреме многу театарски возбудливи моментни, вели Дуковски.

„Изгубени Германци“ е црна комедија во која главните ликови се комунист, нацист, хомосексуалец, уметник и стриптизерка, заглавени во рудник во Македонија во 1944 година. Истражуваат некоја тајна руда, а практично се сокриени од војната. Тука дискутираат за разни прашања. Текстот лани ја доби и наградата „Коле Чашуле“ на МНТ.

„Изгубени Германци“ е трета соработка на Слободан Унковски со Дејан Дуковски по „Буре Барут“ и „Другата страна“.

Би можело да ве интересира

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ