Предавање за чешкото предисториско културно наследство насловено „Бронзенодобните ризници во Јужна Бохемија“ ќе се одржи денеска во Археолошкиот музеј на Македонија.
Предавачи се археолозите Ондреј Хвојка и Јан Јон од Универзитетот во Јужна Бохемија, кои ќе претстават едни од најрепрезентативните предисториски артефакти пронајдени на повеќе локалитети од бронзеното време.
– Овие ризници најчесто ги сочинуваат накитот и оружјето што во тој период луѓето го носеле и користеле. Овој накит и оружје не биле користени само за декор, односно за војување, туку го истакнувале статусот и позицијата во рамки на бронзенодобните општества во јужните делови на Бохемија, наведуваат археолозите – предавачи.
Организатори на предавањето се Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) и Археолошкиот музеј на Македонија. ЦИП покрај активното истражување и презентирање на предисториското културно наследство од Македонија, има за цел да ја доближи до македонската јавност и предисторијата на другите земји во Европа.
Настанот е дел од повеќето што ќе следат за актуелизација на европската предисторија во Македонија, а се предвидува во неколку земји да биде презентирано македонското предисториско наследство.