Во Македонската академија на науките и уметностите денеска предавање ќе одржи проф. Паоло Ракањи од Равена, Италија, на тема „Реставрација и конзервација на мозаикот“. На стручното предавање ќе има и видеопрезентација на музејот „Тамо“ од Равена.
Ракањи (1948) стекнал уметничко образование во Равена и Венеција. Тој е мозаичар, сликар, фотограф, автор на мурали. Учествувал на реставрација на мозаици на подови и ѕидови на споменици на културата во Италија, Сирија, Бразил и Турција. Имал голем број домашни и меѓународни изложби и е автор или коавтор на експертски публикации од областа на реставрација на антички и модерни дела. Експерт е и научен консултант на многу проекти за мозаици.
Дел е и од научниот комитет за реализација и развој на музејот „Тамо“ од Равена, отворен во 2011 година во седиштето на старата црква „Сан Николо“.
На 24 октомври во новиот Археолошки музеј на Македонија беше отворена изложба „Античките мозаици од Равена“, на која се презентирани 25 избрани мозаици од вкупната колекција во Равена. Тие се светско културно наследство и заштитени од УНЕСКО, а во Археолошкиот музеј ќе бидат изложени до 8 јануари 2015.
Равена е престолнина на мозаикот, чувар на најбогатото светско наследство на антички мозаици од 5-тиот и 6 век. Тој е антички град на северниот брег на Јадранското Море, кој пред 1500 години бил престолнина на западната Римска Империја, престолнина на Теодорико – првиот готски крал и престолнина на византиската империја во Европа.
Од тој период е огромното наследство од религиски градби декорирани со мозаици. Мозаикот како уметничко изразување својот највисок стадиум го достигнал токму во Равена. Во мозаиците од Равена е родена христијанската иконографија; испреплетеност на реализам и симболизам, на римски и византиски влијанија. Седумте свети градби во Равена во 1997 година УНЕСКО ги прогласи за светско културно наследство.