Празнична музичка вечер на „Охридско лето“ со популарниот хор „Вива вокс“

Од:

Светската атракција, хорот „Вива вокс“ од Белград“ вечерва на сцената на Античкиот театар ќе одржи целовечерен концерт како дел од музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“.

Традиционално секоја година фестивалскиот термин на празникот Илинден е резервиран за настап на атрактивни гости, овојпат со младите уметници од Србија кои за првпат ќе се претстават пред македонската публика.

Јасмина Лорин, диригентот на „Вива вокс“, на денешната прес-конференција изрази очекување дека на вечерашниот концерт ќе остварат добар контакт со публиката и оти публиката сама ќе ја почувствува нивната енергија на сцената, што секогаш младите вокалисти ја носат на нивните настапи.

Самите уметници за вечерашниот настан рекоа дека им е особено мило што ќе настапуваат на „Охридско лето“, манифестацијата која со својата долгогодишна традиција и содржина, имајќи ги предвид големите уметнички имиња кои настапувале, претставува предизвик и заслужува почит.

– Нам ни е познато колку овој фестивал значи за вас и особено задоволство и чест што сме повикани да настапиме тука. Првпат ќе пееме во Македонија, така што уште повеќе ни е мило што тоа ќе биде токму на „Охридско лето“, рече вокалистот Иван Пробадовиќ.

Продуцентот на „Вива вокс“ Борс Балуновиќ истакна дека лично првпат е во Охрид и мошне му се допаѓа градот, чија историја рече дека добро ја познава, така што очекува покрај настапот да остане време за разглед на неговите убавини и културно-историски знаменитости.

– Со нетрпение го очекуваме вечерашнот концерт, бидејќи познато ни е дека Античкиот театар е исклучително акустичен простор, на каков сакаме да настапуваме. Вечерва ќе се претставиме со целокупниот наш репертоар од оваа година, истиот со кој настапувавме во „Сава Центарот“ во Белград и на „Егзит“ фестивалот во Нови Сад, така што се надеваме дека и тука публиката ќе ужива, рече Борис Балуновиќ, продуцентот на „Вива вокс“.

Хорот „Вива вокс“ од Белград е формиран пред десетина години од група матуранти и нивниот професор по музика, како продолжение на музичка соработка со гимназискиот хор. Хорот сегашното име го доби во 2005 година, а во 2009 година го воведоа битбоксот во нивната изведба, која, заедно со аранжманите на песните од членовите на хорот, формираше единствен звук со кој се прославија низ светот.

Звукот на хорот „Вива вокс“ претрпе многу трансформации, а денес е окарактеризиран по автенитчните „а капела“ интерпретации на поп-рок и алтернативна музика, придружена со битбокс. Обработката на композицијата „Ду Хаст“, на германскиот индустријал-метал бенд „Раммстеин“ стана хит летото 2011 година и им донесе светска популарност за само неколку дена. Откако стана признат од публиката и медиумите, хорот продолжи со нивната популарност во родната Србија, како и во останатиот дел од светот, што, пак резултираше со турнеи во Полска, Чешка, Австрија и многу други земји. Врвот на нивната досегашна кариера е концертот во салата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк на 14 јануари 2013 г. по повод Православната Нова година. Како единствениот музички состав од овие простори кој настапил во оваа сала, „Вива Вокс“ се придружи кон избираното друштво светските музичари што ја имале таа чест.

Вечерва на сцената на Античкиот театар во Охрид од 21 часот ќе настапат 32 вокалисти на „Вива вокс“, а за нивниот прв концерт во Македонија уметниците имаат подготвено и изнанадување за публиката што ќе биде дел од несекојдневното музичко збиднување.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор