Онлајн Интернационалниот алтернативен фестивал „Театарски европски алтернативи – Sturm und Drang“ објавува јавен повик за програмата „Нов бран“ (New Wave) која ќе биде дел од првото издание на овој фестивал што ќе се одржува од 17 до 23 септември 2021.
– „Нов бран“ е гласот на уметниците ширум светот. Покрај Интернационалната и Студентската програма, секоја година на фестивалот ќе се претставуваат уметници од земјата која е во фокус. Оваа година, како домаќини на фестивалот, ја почнуваме со уметници од нашата земја во неколку категории: визуелни уметности (фотографија и дизајн на постер), музика и поезија. Темата на која уметниците ќе творат е „Продор“, соопшти организаторот на проектот кој е поддржан од Министерството за култура.
Селектори за оваа програма ќе бидат: Џијан Емин за музика, Никола Маџиров за поезија и Дејан Џолев за визуелни уметности. Од секоја категорија тие ќе ги изберат најдобрите тројца кои ќе се претстават со своите дела на фестивалот. На крајот публиката со онлајн-гласање за време на фестивалот ќе го избере најдоброто дело, а на уметникот ќе му биде врачена награда за најдобро дело на тема „Продор“
Конкурсот ќе биде спроведен анонимно. Делата од страна на организаторот до селекторите ќе бидат испраќани без наведено име и презиме на уметникот. Аплицирањето е на официјалната веб-страница на фестивалот: www.theatereuropeanalternatives.com, а рокот за пријавување е 12 јули 2021.