Песната „Потрага“ на Андријана Коровешовска е првонаградената на конкурсот за млади поети што го распиша Агенцијата за млади и спорт на Република Мекедонија, во соработка со Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) .
Од 86 пристигнати песни од млади поети на возраст од 15 до 29 години, жирито во состав Вера Чејковска, Кочо Топузовски и Миле Јовановски, ги објави наградените песни. Втората награда ја доби песната „Јулска Секвенца“ на Антоанета Ристевска и третата наградена песна е „Сведок“ на Мартин Каровски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески кој ги додели првите три награди, ваучери во вредност од 5.000, 10.000 и 15.000 денари, истакна дека песните од наградените поети и дел од песните испратени на конкурсот ќе бидат објавени во збирката пезија која што до крајот на годината Агенцијата ќе ја пушти во печат.
– Планираме збирката да ја дистрибуираме во сите основни и средни училишта во Македонија и на тој начин да придонесеме пред се кон поддршката на младите автори, да ги стимулираме младите лица, пред се основците, средношколците и студентите да креираат поезија. На тој начин да контрибуираат во македонската литература, посочи Спасески.
За претседателот на ДПМ Веле Смилевски проектот на Агенцијата за млади и спорт е добра форма на презентирање на творештвото на младите автори.
– Се надевам дека она што ќе го прочитаме како селектирана творба, ќе биде еден од патоказите на авторите што се во тренд во овој момент од помладите генерации, додаде Смилевски.