Постхумно ликовна изложба на Павле Илиев од Велес

Од:

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена самостојна изложба на ликовниот уметник, педагог и скулптор Павле Илиев од Велес, која семејството ја организира по повод 20 години од неговата смрт.

На ликовната изложба се претставени 60-тина дела, од кои 28 карикатури, неколку скулптури и 26 цртежи кои првпат и беа претставени на јавноста.

Петар Илиев, син на уметникот, појаснува дека најголем дел од јавноста го знае неговиот татко како ликовен педагог и скулптор, а малкумина знаеле дека има и цртежи, кои тој преку оваа изложба првпат и ги презентира на велешката ликовна јавност. Тој воедно информира дека уште пред петнаесетина години ваквата изложба за Павле Илиев ја иницирал ликовниот уметник и професор Фехим Хусковиќ.

Еден од двајцата презентери на отворањето на изложбата, ликовниот уметник Спасе Перовски за делата на својот постар колега Павле Илиев рече дека го сакал ликовниот јазик и непосредноста, а визуелниот распон во неговите дела го покажува тоа.

– Збиениот простор во форматот колкав и да е’, Павле го проширува. Имате чувство дека гледате многу повеќе од тоа што вистински е, на пример женски акт во цртеж, акварел или пак структурно набиена боја на картон на гваж техника, но неверојатна е и неговата лежерност кон чистата плошна површина без сенки, без структура, чиста плоха во една боја и еден тон во неговите карикатури. И останатите дизајнерски и плакатни решенија, рече Перовски.

Потсети дека Павле Илиев пред се’ е скулптор, а дел од неговите скулптури се претставени и на изложбата. Информира дека Илиев има изработено десетина бисти од мермер на значајни личности од Велес меѓу кои и Алексо Демниевски – Бауман, шпанскиот борец, и борците од НОВ Димче Мирчев, Нада Бутникошарева, Рајко Жинзифов, Тодор Јанев, како и бистата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот,која е прогласена за официјален лик на Џинот. Има изработено голем број ентериерни скулптури како и женската фигура насловена Ленка или Водарка која денес се наоѓа на малата плоштатка на раскрсницата наспроти новиот театар во Велес.

Ликовниот уметник Живко Пренџов потсети дека неговиот колега Илиев ликовната уметност несебично им ја пренесувал на младите генерации откривајќи ги талентите што ја продолжија уметничката нишка на Велес.

– Павле Илиев е несомнено еден од амбасадорите на велешката и македонската ликовна уметност кои пред јавноста ја презентираат нашата културна ризница, рече Пренџов.

Павле Илиев е роден во 1940 година во селото Горни Балван, а на 12- годишна возраст дошол во Велес, каде живее работи и твори се’ до неговата смрт во април 1997 година.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски