На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес во четврток вечер ќе биде изведена првата годинашна премиера „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Ивановски.
Иако Дуковски ја напиша претставата, како своја испитна претстава по драматургија, а беше изведена на сцената на Велешкиот театар уште во 1989 година, таа е сега актуелна уште повеќе, потенцира Јордан Витанов директор на театарот и актер кој играше во првата претстава.
За претставата на која се работеше два месеца режисерот Александар Ивановски појаснува дека во неа нема класични вампири, нема ни крв.
– Но, она што многу јасно го има се теми кои што се поврзуваат, пред се, со манипулацијата – и со луѓето и со информациите. Клучниот проблем е односот помеѓу индивидуата и општетството, помеѓу единката и системот. Тоа прашање денес станува се побитно, имајќи ги предвид општите глобализациски процеси, кризата со креативноста во образованието од потребите на пазарот и на системските механизми, вели режисерот.
Според него, „Последниот балкански вампир“ се обидува да го сочува и одбрани достоинството како човек, како индивидуа, како свесно суштетство исправено спроти репресивниот механизам.
– Сржта на драмската структура се движи по рабовите на гротеската и апсурдот, тензијата и олеснувањето,потенцира Ивановски.
Во претставата настапуваат актерите Маја Љутков, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Самоил Стојановски, Кица Ивковска, Славица Манаскова и Весна Димитровска.
Сценографијата е на Дејан Трипуновски, а костимите на Александра Крнинова Груев.