Портрет на поетесата Даница Ручигај, донација за ДПМ

Од:

Во Друштвото на писателите на Македонија денеска беше предадена на подарок уметничка слика – портрет со ликот на поетесата Даница Ручигај, дело на ликовниот уметник Ставре Димитровски Стадим. По повод 70-годишниот јубилеј на ДПМ, сликата ја донира Златица Поповиќ, сестра на поетесата Ручигај, која загинала во скопскиот земјотрес во 30-тата година од животот.

Претседателот на ДПМ Веле Смилевски изрази благодарност за донацијата и истакна дека се реализира една дамнешна идеја, желба и порака на нашата поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска, домот на македонските писатели да се збогатува и со слики на жени писателки кои оставиле траги во развојните процеси на литературата.

– Портретот на Даница Ручигај го примаме со радост и тој во збирката на ДПМ ќе биде уште еден знак на респект кон вредностите создавани во македонската литература и култура, истакна Смилевски. Додаде дека портретот на Даница Ручигај станува составен дел на богатата збирка на ДПМ, од 112 уметнички слики и скулптури со ликовите на Св. Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Никола Вапцаров, Кочо Рацин…

Златица Поповиќ се осврна на животот и делото на Даница и нагласи дека таа еден дел од својата младост поминала во ДПМ, другарувајќи, и дебатирајќи со тогашните писатели, книжевни дејци, уметници и новинари кои ги ставија темелите на македонската книжевност и култура.

– Даница Ручигај е првата македонска поетеса со издадена книга поезија „Сребрени ноќни игри“ печатена од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во јануари 1960 година. Даница живееше за уметноста и од уметноста, рече Поповиќ.

Творештвото на Ручигај го претстави и м-р Мирјана Стојановска, која истакна дека оваа поетеса зад себе остави две книги поезија „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, во ракопис и објавена постхумно во 1963 година.

– Поетиката на Ручигај остави длабоки траги во македонската поезија, не само затоа што е прва поетеса, туку заради иновативноста која таа ја донесе во женската љубовна лирика, рече Стојановска.

Промоцијата на портретот на Ручигај во ДПМ е во пресрет на меѓународниот ден на жената. Во состав на Друштвото на писателите на Македонија работи Клуб на писателките именуван по Даница Ручигај, а нејзиното име го носи и наградата која ДПМ ја доделува за најдобра стихозбирка на годината од поетеса, членка на македонската писателска асоцијација.

Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје, а животот трагично и завршува во земјотресот во 1963 година.

Би можело да ве интересира

Учество на македонски писатели на фестивалот „Словенска слова” во Црна Гора

„Во име на новото“ во ДПМ

Ана Ололовска

ДПМ на вонреден пленум ќе побара одговорност доколку не се отстранат пропустите во Министерството за култура

Ана Ололовска

ДПМ: Македонскиот јазик има дијалекти, но не е никаков и ничиј дијалект

Конкурс за традиционални годишни награди на ДПМ

Ана Ололовска

„Празник на липите“ и врачување на наградите „Книжевен жезол“ на ДПМ

Ана Ололовска