Од 2014 година и во наредните пет години продуцирањето популарна македонска музика – забавна, народна и музика за деца, ќе се стимулира со пари од државата, преку конкурси што ќе ги спроведува Македонската радио-телевизија.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека првпат со посебен закон ќе се регулира стимулирањето на популарната музика, како што има закони за други музички жанрови. Причина за негово донесување, истакна таа, е евидентниот пад на продукцијата на ваков вид музика во последната деценија. Целта на законот е да ги стимулира финансиски изведувачите, а крајниот резултат да биде поголем обем и квалитет.
– Целта е да донесеме квалитетен закон кој ќе има голем бенефит за сите нас, за музичката продукција, за граѓаните на Република Македонија и, пред се, за нашата држава, рече Канческа-Милевска.
МРТ ќе објавува четири конкурси годишно (април, јуни, септември, декември) за субвенционирање 200 композиции во текот на една година – 50 песни за деца и 150 песни од забавната и од народната музика. Предложениот закон, кој го презентираше Канческа-Милевска, ги распоредува композициите за поддршка во осум категории.
По десет композиции годишно ќе бидат финансирани од категориите Таленти, Поттикнување семејни вредности и многудетни семејства и Афирмирање на Република Македонија и нејзината историја, 15 песни од категоријата Афирмиран изведувач, 38 од категоријата Ѕвезди, 30 – Истакнат изведувач, 37 – Врвен изведувач и 50 композиции за деца. Право да конкурираат ќе имаат поединци и изведувачи со оригинална и неизведувана композиција.
За секоја категорија има прецизирани услови, како број на албуми и солистички концерти во Македонија и во странство, број на домашни и меѓународни награди, учество на фестивали, меѓу кои се вреднува и во финалето на Евросонг. Највисок износ е за категоријата Ѕвезда – 4.500 евра, од кои 3.000 за звучно снимање на песната и 1.500 за спот. Поддршката за детска песна е 400 евра, а за останатите категории е до 3.000 евра. Исполнувањето на конкурсните услови ќе се вреднува со бодови, а за изборот ќе одлучува стручна комисија која, пак, од поширока листа ќе се избира по лотариски принцип.
Генералниот директор на МРТ Марјан Цветкоски истакна дека донесувањето на законот е историски момент за овие дејности и дека МРТ како јавен сервис има законска и морална должност нив да ги популаризира. За таа цел МРТ ќе внесе и новитети, покрај специјализираните фестивали Скопскиот фестивал – за забавна музика и „Цветници“ – за народна, ќе има и програмски освежувања, шоуа со топ-листи на ТВ и на радио, возобновување на избирање хит и фолк-хит, емисии за наоѓање таленти. Очекува примерот на МРТ да го следат и другите радиодифузери.
Иво Јанкоски, издавач од продукцијата „Трето уво“, рече дека законот се донесува во најтежок и најнепродуктивен период за македонска музика кога доминира, како што рече, „музичка депонија и грд шунд од Балканот“. Но, нагласи дека тој ќе нема ефект ако медиумите не се придржуваат на регулативата за најмалку 30 отсто домашна музика во етерот.
Композиторот Кире Костов рече дека со законот се вреднува трудот, што тој не доживеал во својата долгогодишна кариера.
– Во МРТ се случи една дупка од седум-осум години, во која пропадна се што можеше да пропадне и до доаѓањето на сегашниот нејзин директор, МРТ не произведе ниедна композиција. Тоа за една држава е трагедија, рече Костов.
Според поп-пејачот Владо Јаневски, идејата е благородна зашто и се оддава признание на популарната музика во Македонија, а спроведувањето на законот ќе биде „инјекција за создавање поголем фундус македонска музика“ и поттик за младите кои творат.
– Мислам дека ова е последниот воз и ако не го фатиме, ќе заврши македонската музика, за која мојата фела се бори да ја зачува, додаде фолк-пејачот Миле Кузмановски.
И Дарко Мијалковски смета дека законот се донесува во вистински момент кога детската култура, рече тој, е на самото дно.
– Таа ќе биде од корист за сите, а посебно поткрепа за детските фестивали, додаде Мијалковски.
По прифаќање од Владата, предложениот закон ќе се проследи во Собранието на РМ и по усвојувањето ќе почне да се применува од почетокот на идната година.