Поповиќ: „Охридско лето“ покажа дека и во кризни времиња силата на музиката и театарот се храна за човечкиот дух

Од:

Со изведбата на театарската претстава „Бог на масакрот“ на НУ Турски театар Скопје синоќа беше спуштена завесата на годинешното 60-то по ред јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.

Новонастанатите околности наметнати со епидемијата на коронавирусот беше причина ова фестивалско издание да се одржи во термин различен од вообичаениот, пред строго ограничен број гледачи, но да го задржи високото реноме што фестивалот успешно го гради и надградува веќе шест децении. Изминатите 27 фестивалски дена вљубениците во музиќката и театарската уметност можеа да ја почувствуваат магијата на фестивалот, во 26 концерти и шестте театарски претстави, изведени на сцените на Античкиот театар, „Света Софија“, предворјето на црквата и „Одлни Сарај“.

– Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави кои ги понудивме на 60. фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот се храна за човечкиот дух и во кризни времиња како ова – времето на короната. Бевме пример дека може да се реализира врвна манифестација и покрај сите протоколи што ги предвиде Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Покажавме дека културата е таа која може да го промени светот, да го преобрази, да ја победи и болеста, и за миг да внесе убавина во нашето секојдневие. Музиката и театарот нѐ обедини сите, станавме посилни и барем за миг, ги оттргнавме мислите од статистичките бројки на оваа страшна пандемија, изјави директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на церемонијата на свеченото затворање на Фестивалот.

Таа ја искористи можноста да изрази огромна благодарност до сите уметници кои демонстрирале храброст да дојдат во Охрид во услови на најголема здравствена криза и да настапат пред верната фестивалската публика.

– Огромна почит и благодарност и до сите кои придонесоа да славиме уште едно возвишено издание на „Охридско лето“, до Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на фестивалот, со што „Охридско лето“ низ годините ја гради својата величина и го оджува приматот на најзначајна културна сцена со богата традиција која ги негува вистинските вредности на уметноста, до Владата на Република Северна Македонија и Министерство за култура за вложувањата во развојот и унапредувањето на културата во државава. Нивната поддршка претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. Благодарност и до Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески за заложбите да ја доближиме културата и туристичката понуда до сите гости, посетители, уметници. Упатувам благодарност и до нашите спонзори, помагатели, пријатели, љубители на уметноста, поддржувачи на културните вредности … посебно до нашиот генерален спонзор, Македонски Телеком, како наш најголемиот партнер на патот кон успесите. Тука се и Амбасадите на Италија, Чешка, Франција и Делегацијата на Европската Унија во земјава со чија помош се реализираа дел од годинешните концерти, рече Поповиќ.

Потсети дека приказната „Охридско лето“ започна пред шест децении со оперската певица Ана Липша Тофовиќ, чие семејство добива плакета по повод јубилејот, а во знак на неизмерна почит и благодарност кон певицата која го одржа првиот концерт на фестивалот.

Годинешното јубилејно издание, според Поповиќ, немаше да биде беспрекорно организирано без тимот на фестивалот кој професионално, посветено и неуморно работеше на реализацијата на фестивалските вечери, без селекторите на музичката и драмската програма, Даница Стојанова и Александар Поповски, како и без Управниот одбор на фестивалот. Од „Охридско лето“, синоќа беше врачена плакета и до екипата на документарецот „Медена земја“ за промоција на македонската култура.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма