Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе гостува во Лазарополе каде ќе настапат дваесет поети од различни генерации.
Манифестацијата ќе се одржи напладне во паркот во кој се поставени бисти на основоположникот на современата македонска литература Кочо Рацин, како и на големите македонски писатели, родени во Лазарополе, Анте Поповски и Симон Дракул.
На отворањето ќе зборуваат градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Мукрем Мехмеди и претседателот на Друштвото на писателите Веле Смилевски.
Во рамки на годинашниот циклус, поетскиот караван на ДПМ гостуваше во Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Штип. Тетово, општина Илинден, Македонски Брод, а настапи и на Фестивалот на детското литературно творештво „Ракатки“.
Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица, Демир Хисар и Крушево.
Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ што е составен дел на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, во чест на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација.