Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева, според песна на Андреј Ал-Асади, се закити со награда за најдобра режија и влезе во најтесниот избор од седум наративни филмови во конкуренција на филмови од целиот свет на интернационалниот „Поетски филмски фестивал ‒ Лос Анџелес“ (International Poetry Film Festival ‒ Los Angeles) во САД. Филмот, односно композиторот Јован Јовановски, беше издвоен и помеѓу десетте филмови со оригинална музика за филм.
-Исклучителен филм чии пораки се пренесуваат и преку стихови, и преку уметничка слика. Содејството помеѓу уметностите е клучна! Како за филм што трае помалку од две минути, содржи сѐ што се бара во раскажувањето приказни преку друга уметност, во случајов, базиран на песна. Филмот успеа да го задржи вниманието на публиката и со стиховите и со визуелното. Беше особено вешто режиран, се вели во образложението на организаторите.
Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева е снимен според истоимената песна на македонскиот поет Андреј Ал-Асади. Музиката е на Јован Јовановски, а снимател е Илија Жоговски. Уметничката слика што како мотив се појавува во филмот е дело на сликарот Владимир Илиевски. Продуцент на филмот е Јулијана Величковска а режисерката Сандра Ѓоргиева беше стручен консултант.
Поетскиот филм е дел од „Стиховно мапирање на Скопје“, проект на „ПНВ Публикации“, поддржан од Град Скопје, и за првпат беше прикажан во септември 2022 г. во рамки на „Скопскиот поетски фестивал“.
Филмот беше избран и во специјалната селекција „Светско огледало на поезијата“ на интернационалниот турингиски филмски фестивал „Поетри филм таге“ (Poetry Film Tage) во Вајмар, Германија што ќе се одржи на 19 и 20 мај.