„Подиум на млади“ како предвесник на 59-тото „Охридско лето“

Од:

Како предвесник на фестивалот „Охридско лето“ од 9-ти до 11 јули во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Подиумот на млади чиј идеен творец и организатор е Музичката младина на Македонија.

Овој проект се враќа на фестивалската сцена по 22-годишна пауза а публиката ќе има можност да ги проследи настапите на неколкумина млади домашни музичари.

Подиумот ќе биде отворен денеска со почеток во 20 часот кога во црквата „Света Софија“ ќе настапат кларинетистот Рикардо Хуна во пијано придружба на Билјана Петровска, како и пијанистката Инес Неделковска.

Рикардо Хуна (2002, Скопје) е ученик во втора година, во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј“ , во класата на проф. м-р Б. Трајковски. Со свирење кларинет почнува од 2012-2013 година. Во текот на последните години Хуна со своето музицирање достојно се претставува себеси и ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, не само во државата, туку и надвор од неа. За сите негови достигнувања говорат многубројните концерти, рецитали, како и учеството на многу државни и меѓународни натпревари. Носител е на највисоките награди и признанија, како на државно, така и на меѓународно ниво.

Инес Неделковска (2003, Скопје) започнува да учи пијано на нејзина шестгодишна возраст во класата на вон. проф. д-р Нина Костова. Носител е на шест први награди на државните натпревари по музика, но и многубројни награди на меѓународни натпревари во Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Македонија итн. Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се: „Карнеги хол“ и „Кауфман центарот“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ во Лондон, театарот „Росини“ во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други. Исто така, има реализирано и значајни концертни активности. Настапува на фестивалите „Москва ги пресретнува пријателите“, во рамки на музичкиот циклус „Млади Виртуози“ има рецитал на реномираниот Љубљански фестивал, одржува солистички концерт во малата сала на Македонската филхармонија, а годинава реализира рецитал во Италија во рамките на PianoFormia во театарот ”Remigio Paone”. Исто така, настапува како солист со Македонската филхармонија, со АГБУ камерниот оркестар од Софија, камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“; Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск на Транс-сибирскиот уметнички фестивал, организиран од познатиот руски виолинист Вадим Репин.

Во рамките на концертниот подиум, на 10 јули ќе настапат флејтистката Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева, како и младиот пијанист Арда Мустафаоглу. Проектот „Подиум на млади“ ќе биде заокружен на 11 јули со концерт на виолинистката Наоми Георгиевска која ќе биде придружувана на пијано од Доминика Робе, како и со настап на сопранистката Мила Јаневска која ќе ја изведува својата програма во пијано соработка со Билјана Петровска.

Инаку, честа свечено да го отвори годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид, ја има мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма